Во јануари 2014 беше најавено дека американската корпорација „Амфенол“ ќе отвори фабрика во Македонија и тоа во постојните погони на „Атом“ од Кочани. Беше најавено дека во првата фаза ќе се вложат шест милиони евра и дека во првите пет години ќе се вработат вкупно 1.500 лица.
Во март 2015 фабриката ја посети тогашниот премиер Никола Груевски и по средбата со менаџментот најави отворање шест нови погони на „Амфенол“ и зголемување на вработувањата до 2.500 работни места.
„Нормално е да порасне и нивото на инвестицијата од првично планираните 16 на 20 до 25 милиони евра. Шесте дивизии, односно погони за различни производи ќе се стационираат во ТИРЗ Виница која е на тромеѓето помеѓу општините Виница, Кочани и Зрновци и која ќе апсорбира вработување од целиот регион, вклучувајќи ги и другите општини во близината“, рече Груевски на 7 март 2015 година, во Кочани.
Три недели подоцна, на митинг во Штип, најавата на инвестицијата е временски одредена за вториот квартал на 2015 година.
„Денеска сакам да објавам дека во вториот квартал на годината, значи за 2 до 3 месеци од сега ќе се подготвува и официјално потпишување на договорот со оваа компанија и веднаш потоа почеток на градба на нивните капацитети и реализација на новите вработувања“, рече Груевски на крајот на март 2015.
Една година подоцна, на 30 март 2016 година, „Амфенол“ е повторно тема на промоција со најава за трета фабрика.
„Покрај тоа што компанијата функционира во објекти коишто се браунфилд инвестиција на површина од околу 6.000 квадратни метри, во индустриската зона во Кочани, тие веќе градат нова зграда што e гринфилд инвестиција од дополнителни 5.000 квадратни метри, која би требало да биде готова до јуни/јули оваа година“, изјави Груевски во во март 2016.
Во јуни 2016, „Амфенол технолоџи“ отвори нов производствен објект во кој се произведуваат кабли за сигурносни перничиња, кои наоѓаат примена во автомобилската индустрија
Неколку месеци подоцна, „Амфенол“ е повторно тема на промоција од страна на Груевски.
„‘Амфенол’ веќе има две фабрики и три погони во Кочани. Градбата на третата фабрика и четврти погон треба да заврши во средината на 2017 и да отвори нови директни 400 работни места. Со сите нивни фабрики, постојни и новата, ‘Амфенол’ ќе достигне 2.500 нови вработувања“, рече Груевски.
Според скратениот финансиски извештај од крајот на 2015 година во компанијата „Амфенол“ има 515 вработени, a нетековните средства на компанијата вредат 3,3 милиони евра. Во 2016 година, нетековните средства се зголемуваат на 5,8 милиони евра, а бројот на вработени се зголемува на 1.135 лица.
Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.