„Антура“ е холандска компанија која произведува семе и корени за цвеќиња, поточно за орхидеи и за украсни цвеќиња.
Според интернет страницата на компанијата процесот на производство во Македонија започнал во октомври 2014, откако претходно во март 2014 година, компанијата добила државна помош. Износот на сумата е заштитен и го нема во годишниот извештај на Комисијата за заштита на конкуренцијата, но е објавен во Службен весник и се состои од:
- Ослободување од плаќање персонален данок од доход за период од 10 години;
- Ослободување од плаќање на корпоративниот данок на добивка за период од 10 години;
- Доделување грант за создавање нови работни места во вкупен износ од 300.000 евра (триста илјади евра) во денарска противвредност за поддржување на реализацијата на инвестицискиот проект за изградба или лизинг на згради, погони и објекти за производство на семенски материјал наменет за размножување цветни расади (орхидеи) во лабораторија, поточно во стерилни услови, и други производи од оваа индустрија во зоната во Кочани, место викано Виничка Вада.
Седум месеци од почетокот на производствениот процес, „Антура“ е свечено отворена на 6 мај 2015.
Официјално беше најавено дека ќе се вработат 150 лица и дека инвестицијата ќе вреди шест милиони евра.
Како што изјави министерот за странски инвестиции на отворањето, Веле Самак, „изминатите две години Владата ѝ помогна на холандската фирма да ги добие најдобрите услови и локација за почнување бизнис во Кочани“.
Само општина Кочани вложила приближно 100.000 евра за инфраструктура околу фабриката.
„Изградивме водовод и одводна канализација, тротоари, поставивме улично осветлување, работевме на целосно инфраструктурно уредување на овој дел, вложивме приближно шест милиони денари“, изјави градоначалникот на Кочани, Ратко Димитриовски.
На официјалното отворање на фабриката беше соопштено дека се предвидени дополнителни вложувања, како и достигнување бројка од околу 300 до 400 вработувања.
На крајот од 2015, „Антура“ во Кочани има вработено 163 лица, а според завршната сметка на компанијата, вредноста на нетековните средства ѝ се шест милиони евра. Во 2016 година, нетековните средства се зголемуваат за уште 500 илјади евра.
Кон крајот на 2016 година, бројот на вработени лица во компанијата се зголемува и изнесува 278.
По објавувањето на базата на БИРН, реагираше фирмата Антура од каде што ни соопштија дека во ниту еден момент не биле корисници на било каква државна помош.При изработката на базата критериумот на БИРН за државна помош се базира врз решенијата на владата (во овој случај број 10 -157 на стр.27) во извештајот на Комисијата за заштита на конкуренција и објавите во Службен весник (стр. 147).
Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.