Во октомври 2014 година на прес-конференција во Владата беше најавено дека американската компанија „ДуПонт“ и ирската „Етанол Јуроп Рењуевлс“ од 2016 година ќе инвестираат 250 милиони евра во фабрика за производство на целулозен биоетанол во пелагонискиот регион.
Освен првичната информација од 2014 за потпишаниот Меморандум и најавите за нови 1.000 вработувања, проектот е спомнат само уште еднаш при посетата на тогашниот премиер Груевски на Прилеп кога рече дека американската компанија сѐ уште работи на подготовка на инвестицијата „која по реализацијата ќе ангажира околу 2.000 луѓе“, изјави Груевски во април 2015.
Министерот за привлекување странски инвестиции Бил Павлески во септември 2016 за БИРН изјави дека подготвителните активности за проектот се во финална фаза и сe чека на одобрување од страна на Европската Комисија да воведе пропис што ќе го направи возможно инвестирањето во целулозен етанол во Европа.
Команијата „Пелагонија етанол“, која според пишувањата на една од водечките веб-страници за биогорива Биопластик магазин, е раководена од „ДуПонт“, „Етанол Јуроп“, македонската Влада и од Општина Прилеп, денес е во постапка на бришење од Централниот регистар на Република Македонија.
Инаку, според Меморандумот за разбирање потпишан 2014 година, Владата на Република Македонија требаше да го олесни проектот со воспоставување одржлив синџир на снабдување со енергетски култури, зголемување на локалното производство на житарици и маслодајни растенија и со иницијативи за обновлива електрична енергија од биомаса.
Во видео презентацијата на проектот, Македонија и пелагонискиот регион се претставуваат како лулка на европската цивилизација која денес се соочува со испразнети села и необработени полиња каде што доминантна култура е тутунот што го произведувата половина од семејствата од тој регион на традиционален начин, без модерна технологија.
„’Пелагонија етанол’ е проект што ќе покаже како 20.000 хектари напуштена и деградирана земја преку европската економија можат да се вратат во живот“ се вели во презентацијата.
Според најавите, погоните требаше да почнат да се градат во 2016 година во Мариово, производството да почне во 2018 со 1.000 работници. За оваа инвестиција пишуваа и домашните медиуми и ирските медиуми.
На самото место каде што беше најавена инвестицијата, денес може да се види само ливада - нема ниту табла ниту, пак, каква било назнака дека на тоа место требало да се гради фабрика која, како што беше најавено, ќе го зголемела БДП на Македонија за еден отсто, а ќе ја намалена невработеноста за два проценти.
„Пелагониа етханол“ е во процес на бришење, а според официјалните податоци од 2015 нема нетековни средства и има само еден вработен. Во 2016 година, пак, во фирмата нема веќе вработени.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.