Првата најава за компанијата „Еуромакс рисорсес“ која ќе ископува благородни метали во Македонија датира од 2007 година. Пет години подоцна во летото на 2012 потпишан е договор за концесија со тогашниот македонски министер за економија - Ваљон Сарачини.
Тој на прес-конференцијата пред новинарите изјави дека до 2017, оваа фирма ќе инвестира 500 милиони долари (или околу 406 милиони евра според тогашниот курс) во рудник за злато и за бакар.
На владината веб страница, пак, ја има веста од истиот настан во која се вели дека покрај тоа што ќе се инвестираат 500 милиони долари, ќе бидат ангажирани и 500 работници.
Заклучно со 2015, во македонската „Еуромакс рисорсес“ има 26 вработени, и вредноста на нетековните средства на компанијата изнесува 13 милиони евра. Во 2016, пак, бројката на вработени се зголемува на 37, а износот на нетековните средства исто така се зголемува и изнесува речиси 16 милиони евра.
Нема информација за државна помош на оваа компанија, само се знае дека локалитетот околу струмичкото село Иловица е даден под концесија на три децении.
Проблематично за оваа инвестиција беше тоа што и македонската Влада и инвеститорот „Еуромакс рисорсис“ не ја објавуваа еколошката студија за идниот златен рудник „Иловица“, документ кој треба да гарантира дека површинскиот коп нема да направи еколошки проблем во регионот.
Наместо студијата, Министерството за заштита на животната околина го објави само нетехничкото резиме, во кое стои дека покрај другото компанијата разгледала вадење руда со цијанидни раствори. Цијанидот е тежок отров.
Еколозите долго време бараат да се објави целиот технолошки процес што ќе се спроведува во Иловица и стравуваат дека рудникот може да го загади вештачкото езеро од кое вода пијат неколку села во Струмичко. Сега студијата е достапна на сајтот на компанијата.
Во декември 2014 во рудникот инвестира и Европската банка за обнова и развој (ЕБОР). Два месеца подоцна, во февруари 2015 година, претставник на „Еуромакс рисорсес“, Стив Шарп, во интервју за Канал 5 најави дека во наредните 12-18 месеци, инвеститорот ќе вложи 20 милиони долари за истражувања, ќе подготви извештај и во јуни 2016 година ќе го презентира пред Владата.
Во истото интервју Шарп вели дека експлоатацијата на злато од рудникот се очекува во 2017 година и во наредните 20 години да се извезува руда во вредност од 300 милиони долари годишно.
Газди на македонската „Еуромакс рисорсис“ се две истоимени фирми, од кои едната е во Лондон, Велика Британија, додека другата се наоѓа на десеттиот кат од една висококатница во Ванкувер. ЕБОР учествува со 20 проценти од сопственоста.
Канадската „Еуромакс рисорсис“ е сопственик на три компании, станува збор за лондонската и за канадската „Еуромакс рисорсис (Маседониа)“ и за компанијата „Омакс интернешнел лимитед“ од Кајманските Острови, во западниот дел од Карипско Море.
Последно ажурирање: 15 септември 2017 год.