Искра

Искра ДД Словенија

Нереализирана
Нецелосни податоци

Вредност на инвестиција

Најавени

нема податок

Инвестирани

нема податок

Вработувања

Најавени

500

вработени

нема податок

Словенечката компанија „Искра“ ДД најави дека ќе инвестира во Македонија во мај 2008 година. 

Поранешниот премер Никола Груевски и генералниот директор на „Искра“ ДД од Словенија Душан Шешок потпишаа Меморандум за искажување намера за изградба на фабрика во технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 – Бунарџик. Беше најавено дека словенечката инвестиција ќе се реализира во две фази и оти во првата фаза ќе се вработат стотина луѓе, а во втората до крајот на инвестицијата бројката на вработени ќе достигне до 500 луѓе. Според најавите, производството на електронски компоненти, без да се прецизираат детали за сумата на инвестицијата, ќе почне во септември 2009 година. 

Ни до денес, оваа компанија не инвестираше ниту евро во Македонија.  

„Со меморандумот за разбирање, компанијата „Искра“ ДД од Словенија доаѓа да инвестира во Македонија. „Искра“ има намера сите подготвителни работи да ги заврши во текот на годинава и најдоцна до јануари идната година да започне со изградба на фабрика во Бунарџик“, рече премиерот Груевски по потпишувањето на Меморандумот. 

„За нас е значајно што влегува компанија во една специфична област во која во Македонија немаме многу такви компании со што ќе го зголеми нашиот пазар, ќе го зголеми извозот на Македонија и ќе обезбеди 500 нови вработувања“, истакна Груевски во 2008 година, посочувајќи дека заклучно со втората фаза Искра планира продажба од над 25 милиони евра што, како што кажа, е значаен девизен прилив за Македонија. 

Генералниот директор на „Искра“, Шешок, рече дека главна причина за нивната намера за инвестиции во Македонија бил односот на актуелната администрација. 

„Разликата меѓу Македонија и другите земји во регионот е што имате Влада што сака нешто да направи. Имаме одлично искуство со актуелната администрација која добро ја заврши работата и сметам дека и многу значајни земји на ова поле можат да учат од вас“, рече Шешок. 

Овој Договор за инвестирање се објави во екот на предизборната кампања во 2008 година, пред локалните и претседателските избори и потенцијалниот инвеститор на тоа коментираше дека „Искра е приватна компанија и тука е за да прави бизнис“.  

„Политиката не ме интересира, дури јас не знам кои партии егзистираат во Македонија. Реакцијата на оваа администрација е единствената причина што сме тука. Не знам која администрација ќе биде во иднина, но се надевам дека ќе биде брза како оваа“, одговори генералниот директор на „Искра“.

Во 2012 пак генералниот директор на „Искра“ во интервју дадено за словенечкиот магазин „Финанс“ вели дека заради високите давачки во Словенија размислува трудово интензивното производство да го пресели во Македонија.

„На пример, таму половина од социјалните давачки за ново вработените работници ги плаќа државата, десет години нема данок на добивка, а потоа тој изнесува 10 отсто“, изјави Шешок.

„Искра“ е една од водечките компании во Словенија во делот на електрониката и електротехниката со околу 2.000 вработени и годишен промет од 140 милиони евра.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.