Кап - Кон

АРЦ Аутомотив Македонија ДООЕЛ Илинден

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

16.570.500 евра

Инвестирани

8.797.250 евра

Вработувања

Најавени

400

вработени

144

Станува збор за оф-шор компанија која во Македонија влегува во 2014 година со влог од 5 илјади евра, а до крајот на 2015 година влогот достигнува 2,6 милиони евра. Најавена е како американска инвестиција за воздушни перничиња, но сепак, сопствеништвото е скриено прво на Бермуди, а потоа, преку Хонг Конг, на Кајманските Oстрови.

Во декември 2015 година од страна на Владата, односно поранешниот премиер Никола Груевски, официјално е соопштено дека почнала со работа фабриката за производство на инфлатори за воздушни перничиња „АРЦ Аутомотив Македонија“, инвестиција од 18 милиони долари на американската компанија од автомобилската индустрија „Кап-Кон аутомотив технолоџис“.

Според Груевски, во новата фабрика се отворени 75 работни места, а инвеститорот најавува вкупно 400 вработувања.

Од достапните податоци на Централниот регистар, фирмата има актива од 9,6 милиони евра за 2015 година, а вработени се 35 лица.

Во 2016 година, пак, бројката на вработени се зголемила на 144 лица. 

„Листата на големи и мултинационални компании од светот кои имаат свои фабрики во Македонија од денеска се зголемува и со американскиот инвеститор Кап-Кон“, рече на свеченоста премиерот Никола Груевски.

„Нашиот план е да го зголемиме производството во претстојните недели до 2,5 милиони единици годишно. Исто така, АРЦ планира да го удвои овој капацитет во текот на следните шест месеци, а потоа планираме да произведуваме и пет до шест милиони каписли за воздушни перничиња“ изјави главниот извршен директор на „Кап-кон“, Али ал Хаџ.

Во февруари 2016, медиумите пишуваат дека „Кап кон“ ќе ја продава македонската фабрика на компанија од Хонг Конг. 

Објавено е дека купувач на фабриката е „Хонг конг Хаосхенг инвестмент“, која е дел од групацијата „Јинји“, а компанијата планирала да формира посебен холдинг на Кајманските Острови која ќе стекне 100% удел во Арц аутомотив.

Истото го потврдуваат и податоците од Централниот регистар – „Кап Кон Аутомотиве Технолоџиес“ не се веќе газди на „АРЦ Аутомотив“ од март 2016 година. Сопственик на македонската фирма е „Глориоус Рицх Лимитед“ од Кајманските Острови.

Адресата на оваа фирма води кон Novasage Incorporations Cayman Limited, фирма чија база се наоѓа во Хонг Конг, а работи на отворање офшор компании на Британските Девствени Острови, Кајмански Острови, Делавер, Хонг Конг, Сејшели, Сингапур...

Кајманските Острови инаку важат за оф-шор зона каде што не се плаќа данок на профит, капитална добивка или данок на приход, а странските инвеститори не плаќаат никакви дополнителни даноци. Оттаму, Кајманските Острови важат за идеално место за отворање фирми или за криење заштеди надвор од матичната држава. 

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци