Кромберг и Шуберт

Кромберг и Шуберт Македонија ДООЕЛ Битола

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

20.000.000 евра

Инвестирани

28.882.368 евра

Вработувања

Најавени

3.500

вработени

3.116

Владата потпиша договор со германската компанија „Кромберг и Шуберт“ во декември 2011, а две години подоцна, во октомври 2013 беше отворена фабрика за производство на кабли за автомобили лоцирана во индустриската зона Жабени, близу Битола.

На отворањето присуствуваше тогашниот премиер Никола Груевски и таму тој најави дека фирмата првично ќе вработи околу 2.500 работници. Во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од 2016, пак, стои дека во потпишаниот договор со „Кромберг и Шуберт“ има план за вработување на 3.500 лица и оти во моментов таму работат 2.800 луѓе.

Официјално на крајот на 2015 „Кромберг и Шуберт“ имала точно 2.265 вработени, а наредната година бројката се искачила на 3.116. 

Во една прилика вицепремиерот Владимир Пешевски фабриката на „Кромберг и Шуберт“ во Жабени ја опиша како најголемата инвестиција од аспект на број на вработувања во поновата македонска историја.

Во времето на отворање на фабриката, во веста објавена на владиниот сајт беше истакнато дека инвестицијата на германската компанија изнесува 20 милиони евра, а медиумите што известуваа од настанот објавија сума од 26 милиони.

Според завршната сметка од истата година нетековните средства на оваа компанија изнесуваат 28,8 милиони евра.

Во финишот на 2011 Владата преку ресорниот министер за странски инвестиции Веле Самак и Општина Битола ѝ доделиле државна помош на „Кромберг и Шуберт“ за, како што се вели во решението на Комисијата за заштита на конкуренцијата, поддржување на инвестицискиот проект на компанијата.

Износот на помошта и во овој случај не е обелоденет, меѓутоа во решението на комисијата е објаснето дека „Кромберг и Шуберт“ ќе се ослободи од персонален данок на доход за вработените и од половина од вкупниот износ на социјалните надоместоци и придонеси, исто така, за работниците.

„Општината инвестираше во инфраструктурата и поврзувањето, а ние како Влада ја направивме електрификацијата, но и изградивме 4,5 километри далновод“, додаде Груевски на денот на отворањето на фабриката.

Веднаш по отворањето на фабриката, опозициските советници од Општина Битола реагираа дека сопственикот на „Кромберг и Шуберт“, Ханс Ото Кромберг открил колку изнесува дел од државната помош за неговата компанија во свечениот говор.

Имено, Кромберг тогаш изјавил дека дал 1,5 милиони евра повеќе од очекуваното бидејќи морал да изгради насипи зашто на земјиштето имало вода. Потоа тој ѝ се заблагодарил на Владата за државната помош, бидејќи субвенциите биле клучни при купувањето на земјиштето.

Според него клучната причина за инвестицијата во Македонија е евтината работна сила.

„Високите трошоци за работна рака во Германија не принудија да ги поминеме последните три декади барајќи локации за поевтина работна рака“, ја пренесоа медиумите изјавата на сопственикот Кромберг.

Во 2014 година во медиумите беше објавено дека „Кромберг и Шуберт“ ќе гради уште погони во индустриската зона Жабени за заокружување на најавената инвестиција и според известувањата на локалните медиуми од битолско, ова ветување почнало да се остварува, откако летото 2016 почна да се гради новата фабрика.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци