Кон крајот на декември е 2015 отворена е фабриката на турската компанија „Левидиагро“ за производство на ориз во Кочани.
Таа беше најавена како турска браунфилд инвестиција од 4 милиони евра која ќе придонесе за враќање на кочанскиот ориз на старите европски пазари како висококвалитетен македонски бренд и ќе вработи 100 лица.

Фирмата е основана на 15 мај 2015 година со учество од 79.800 евра, а основачкиот влог подоцна се зголемува на 99.796 евра. Фирмата засега работи со големи загуби, а од најавените 100 лица, до крајот на 2015 биле вработени само 6, а во 2016 година, бројката се зголемила на 13 вработени.
Активата на компанијата, според податоците од Централниот регистар, изнесува околу 1 милион евра, а нетековните средства се проценуваат на над 670 илјади евра.
Сопственици на оваа компанија се Јашар Ахмет Озкул и Али Мусфик Созер, двајцата од Турција. Двајцата се поврзани и со други компании основани во Македонија.
Јашар Ахмет Озкул е сопственик на „Левидиа“ ДООЕЛ Зелениково, формирана во 2012 година. Али Мушфик Созер пак, до 2015 година бил генерален менаџер на Балканска млекара, која е во сопственост на турската млекарница „Суташ“. Ова лице сега е сопственик на „Левидиагро“ и на уште една фирма, „Име консалтинг“ ДООЕЛ.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.