Продис

Продис ДОО експорт-импорт Скопје

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

23.000.000 евра

Инвестирани

3.882.702 евра

Вработувања

Најавени

360

вработени

5

Фабриката Продис беше најавена во 2011 година, а е отворена во технолошко индустриската развоја зона Скопје 1 или попозната како „Бунарџик“ во октомври 2012 година, со најава дека до завршување на целиот инвестициски процес, вложувањата ќе достигнат до 8 милиони евра и дека ќе се отворат 160 нови работни места.

Бројот на вработени во 2014 година, додека фабриката работеше, изнесуваше 72 луѓе, додека во 2016 година, бројот на вработени драстично паѓа, на само 5 луѓе.  

Основачкиот влог на компанијата Продис во земјава според податоците од Регистарот на директни инвестиции на нерезидентите во Македонија, изнесува 710.976 евра. Активата на компанијата, заклучно со 2014 година, изнесува 4,8 милиони евра.

Иако поранешниот премиер Никола Груевски кон крајот на 2013 година најави дека Продис ќе го шири бизнисот во Македонија преку отворање на уште една фабрика со инвестиција од 15 милиони евра и уште 200 нови вработувања во април 2014 година, сепак последните информации се дека фабриката во Бунарџик од неодамна целосно го стопираше производството и стави клуч на врата.

Вработените се пожалија дека речиси една година не земале плата. Засега не се знае дали Продис планира повторно да почне со работа, бидејќи последните информации од менаџментот беа дека се преговара со нов инвеститор кој би ја преземал фабриката.

Информациите за запирање на производството доаѓаат откако компанијата две години по ред, во 2013 и 2014 година направи загуба од речиси 3 милиони евра. 

Продис во 2013 година имал вкупни приходи од 600 илјади евра, кои следната година се намалиле за една третина, па фабриката во 2014 година имала вкупни приходи од 400 илјади евра и загуба од дури 1,7 милиони евра, која била поголема за една третина во споредба со загубата од 1,3 милиони евра која Продис ја пријавил за 2013 година. 

Во 2015 година Продис не достави завршна сметка до Централниот регистар. 
Сопственици на фабриката Продис се Русинот Вадим Јакунин и Македонецот Коста Димов, кој е и управител на фабриката.

Вадим Јaкунин инаку е сопственик на руската компанија Протек груп и важи за еден од најбогатите Руси. Но, во фабриката во Македонија како сопственик се јавува тој лично, а не компанијата Протек груп.

Македонско - руската Фабриката Продис, која почна да се гради во 2011 година, се најавуваше како една од најголемите фабрики за хомеопатски лекови на Балканот, во која ќе се произведуваат и органски и неоргански производи од житарки, чаеви, витамини и минерали. 

Инаку, Продис беше единствената фабрика лоцирана во технолошко индустриска развоја зона во земјава која што имаше дозвола да продава производи и на домашниот пазар. Властите објаснуваа дека за производите што се продаваат во Македонија, компанијата не добива даночни и царински ослободувања бидејќи условот за тоа е производството да биде наменето за извоз. 

На поставувањето на камен темелникот на фабриката, рускиот сопственик пред јавноста претстави дури и поамбициозен план за бројот на вработени во инвестицијата во Македонија. 

„Станува збор за инвестиција која ќе се одвива во две фази при што ќе обезбеди вкупно 300 нови вработувања“, најави сопственикот на Протек Груп, Вадим Сергејевич Јакунин на поставувањето камен - темелникот во присуство на премиерот Никола Груевски, вицепремиерите Зоран Ставрески и Владимир Пешевски и претставници на други институции. 

Подоцна, на отворање на фабриката, Јакунин изјави дека успеале во намерите да создадат фабрика што ќе произведува производи кои ќе ги задоволат потребите на современиот човек. 

„Изградивме најсовремена фабрика за производство на органски и неоргански производи, чаеви и хомеопатски лекови со добар квалитет и конкурентни цени“, рече Јакунин и им се заблагодари на премиерот и на македонската Влада за безрезервната поддршка за време на реализирањето на проектот.

„Протек груп“ е еден од најголемите фармацевтски холдинзи во Русија што се занимава со производство, дистрибуција и трговија со лекови и козметика. Вработува 12.000 луѓе и има годишен обрт од четири милијарди долари. 

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци