Сардич

Сардич МЦ ДООЕЛ увоз-извоз Скопје

Во тек

Вредност на инвестиција

Најавени

145.000.000 евра

Инвестирани

8.715.901 евра

Вработувања

Најавени

500

вработени

19

Првиот човек на Дирекцијата за технолошко индустриски зони, Виктор Мизо во март 2014 ја најави украинската инвестиција на „Константиновски плант оф металурџикал еквипмент“ („Сардич“), која треба да ископува руда и да произведува бакар и бакарни производи на неколку локалитети во Македонија.

Најавени беа геолошки истражувања на три наоѓалишта, две во Валандово и едно во Старо Нагоричане, кумановско и по стартот на експлоатaција на еден од локалитетите, планирано е да има фабрика каде ќе се изработуваат бакар и други производи од овој метал.

Мизо тогаш изјави дека инвестицијата може да чини околу 200 милиони долари или во тоа време близу 145 милиони евра и во производството да се ангажираат меѓу 400 и 500 работници, бројки кои со текот на времето се менуваа во зависност од тоа кога и од кого беа кажувани и како се одвиваа подготовките за проектот.

„Тие разгледуваа различни локации во Европа, во Јужна Америка и во Африка, но се одлучија за Македонија бидејќи она што планираат да го прават не е само експлоатација на руда, туку истовремено целосна вертикална интеграција на производство на бакар, производство на катоди од бакар, жици и цевки“, изјави Мизо во 2014.

Наредната година министерот за економија Бекир Незири најави дека договорот за концесија со оваа компанија за рудникот во валандовско Казандол предвидува поголема инвестиција, овој пат од 250 милиони евра во рок од четири години, меѓутоа неговата проценка за нови вработувања беше поскромна, тој најави 250 нови работни места во првата фаза, без да оди со подалечни предвидувања.

Последните проценки за вредноста на инвестицијата и за бројот на нови вработувања ги даде премиерот Емил Димитриев при поставувањето на темелникот за рударскиот комплекс во Казандол во август 2016.

За само овој дел од проектот, за рудникот во валандовско тој рече дека инвестицијата е проценета на 35 милиони евра и дека се планира да се изгради фабрика во која директно ќе бидат вработени 100 лица, а индиректно во целиот рударски комплекс се очекува да бидат ангажирани 150 лица.

На крајот од 2015 година македонската фирма на „Сардич“ имала нетековни средства од нешто повеќе од 6 милиони евра и 20 вработени, додека во 2016 бројот на ангажирани лица е 19. Нетековните средства на компанијата во 2016, пак, се зголемуваат на 8,7 милиони евра. 

Македонската фирма се вика „Сардич“ и како нејзин сопственик се јавува акционерското друштво „Коппер инвестментс“. Она што е интересно е дека неизвршен член на ова АД е поранешниот министер за земјоделство и ексамбасадор токму во Украина, Аце Спасеноски од Социјалистичката партија, коалиционен партнер на Никола Груевски и неговата ВМРО-ДПМНЕ.

Тој станува неизвршен член само неколку месеци откако заминува од амбасадорското место во Киев.

Експретседателката на Антикорупциската комисија и прв човек на „Трансапренси интернешнл“ во Македонија, Слаѓана Тасева во изјава за „Фокус“ од крајот на 2014 година вели дека за овој случај треба да се произнесе Државната комисија за спречување на корупцијата, бидејќи Спасеноски како амбасадор можел да посредува во некаков договорен однос со украинската компанија, а како поранешен функционер имал пристап до чувствителни информации кои можат оваа компанија да ја стават во предност и да создадат состојба на нелојална конкуренција во однос на другите компании кои немаат пристап до таквите деловни информации.

Дополнително, порталот „Фактор“ истата 2014 јави дека извесна британска компанија „Surrey Dynamics Limited“ платила милион евра за 2.500 акции кои немаат право на глас во скопското АД „Коппер инвестментс“, сопственикот на „Сардич“. Сајтот анализираше дека британската компанија искеширала 100 пати повеќе од номинална вредност на овие 2.500 акции.

Во оваа трансакција необично е тоа што некоја апсолутно непозната фирма од Англија решила да одвои милион евра за акции кои всушност не носат глас.

Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.

Датум на најава

март 2014 год.

Државна помош

Местоположба

Земја на потекло

Преземете податоци