Скопје Сити Мол

Балфин МК ДООЕЛ увоз - извоз Скопје

Реализирана
Нецелосни податоци

Вредност на инвестиција

Најавени

100.000.000 евра

Инвестирани

61.402.251 евра

Вработувања

Најавени

нема податок

вработени

нема податок

Трговскиот центар Скопје Сити Мол беше отворен во октомври 2012 година, a инвестицијата беше проценета на над 100 милиони евра.

Овој трговски центар го изградија албанската компанија Балфин Груп заедно со македонската Фешн Груп. Компанијата сопственик на овој трговски центар во Македонија е регистрирана како Балфин МК ДООЕЛ.

Според најавите на инвеститорите, трговскиот центар требаше да отвори вкупно 2.000 работни места во сите продавници, но оваа бројка не влегува во пресметките бидејќи работните места се отворени во повеќе различни фирми кои што имаат закупено простор во трговскиот центар. 

Со бруто површина од 90.000 метри квадратни, Скопје Сити Мол го презема приматот на најголем трговски центар од затворен тип во државава. Од вкупната површина на Скопје Сити Мол, 37.600 метри квадратни се наменети за издавање, а во комплексот спаѓа и катна гаража со 1.300 паркинг места.

Зоран Антиќ, главен извршен директор на Фешн груп и еден од инвеститорите, на отворањето на комплексот изјави дека поради исклучителниот културен, социјално-економски и развоен карактер, извонредната локација и врвниот естетски и функционален дизајн, Скопје Сити Мол успеа да го привлече вниманието на светските трговски синџири, кои одлучија да влезат за првпат во Македонија.

Главниот извршен директор на групацијата Балфин, Самир Мане, истакна дека Скопје Сити Мол е првата инвестиција на оваа групација во секторот недвижности во Македонија и најави уште инвестиции.

„Сметаме дека Македонија претставува одлична локација за инвестирање и би сакале другите да ги охрабриме да учествуваат на овој пазар“, истакна Мане.

Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) ја поддржа изградбата на овој центар со заем од 19 милиони евра. Заедно со Рајфајзен и Комерцијална банка, кредитната поддршка достигна 28 милиони евра.

На отворањето на Скопје Сити Мол говореа и поранешниот премиер Никола Груевски и градоначалникот Коце Трајановски.

„Овој трговски центар е новиот белег на Скопје. Претставува реализација на уште една крупна инвестиција во Македонија.“, изјави Груевски.

Последните информации се дека групацијата Балфин во октомври 2015 го продаде Скопје Сити Мол на британската компанија Hystead Limited во ко - сопственост на Hyprop Investments Limited  и PDI Investment Holdings Limited, за 92 милиони евра.

Главниот извршен директор на Hyprop, Питер Принсло, изјави дека нивна цел е да поседуваат портфолио од шопинг центри со висок квалитет во Југоисточна Европа.

Од менаџментот на компанијата истакнаа дека стратегијата на Hyprop за Југоисточна Европа е да ги купува доминантните шопинг центри преку Hystead. Hyprop има удел од 60% во Hystead, додека PDI, компанија застапувана од Луис Норвал, го поседува останатиот удел од 40%.

Hystead сега поседува три објекти во Југоисточна Европа, и тоа Delta City Podgorica (Црна Гора), Delta City Belgrade (Србија).

Податоците за 2015 година за компанијата Балфин МК ДООЕЛ, чиј сопственик сега е Хајстед Лимитид покажуваат дека вкупната актива изнесувала 64,2 милиони евра. Од нив, 61,4 милиони евра се нетековни средства.

Во 2015 година во оваа компанија биле вработени само двајца луѓе, додека во 2014 година вкупно 51 луѓе. 

Приходите на компанијата според Централниот регистар во 2015 изнесуваат 10,8 милиони евра, што е 6,3% повеќе отколку во 2014 година. Крајниот финансиски резултат сепак е загуба од околу 2 милиони евра.

 

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци