Суташ

Балканска млекара ДООЕЛ Скопје

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

13.000.000 евра

Инвестирани

10.018.717 евра

Вработувања

Најавени

150

вработени

62

Првата најава за влез на турската компанија од млечната индустрија „Суташ“ на македонскиот пазар датира од март 2012 година, а веќе во април е купена пропадната фабрика на „Сведмилк“. Производството на млечни производи започна во мај 2013 година. Според проценките на турските инвеститори, тие во Македонија вложиле 13 милиони евра со најава дека ќе вработат до 150 луѓе.

Според последните податоци од Централниот регистар, до крајот на 2015 година во фабриката на „Суташ“ - „Балканска Млекара“, биле вработени 74 луѓе, а кон крајот на 2016 бројката се намалила на 62. 

Инвестицијата на турската компанија Суташ е заведена во Регистарот на директни инвестиции во 2012 година, а основачкиот влог изнесува 7 милиони евра. Вкупната актива на „Балканска млекара“, како што е регистрирана компанијата во Македонија, до крајот на 2015 година достигнува 12,23 милиони евра, од кои околу 10 милиони евра се нетековни средства. 

Млекарата во 2015 година остварила приходи од 3,7 милиони евра, но тие се 3,3% помали од годината претходно. Билансот на успех покажува дека трошоците на компанијата биле поголеми и поради тоа финансискиот резултат е негативен. Според податоците, „Балканска млекара“ направила загуба од речиси 3 милиони евра, додека пак во 2014 година, загубата била 3,4 милиони евра.

Турскиот инвеститор во 2014 година најави дека ќе го шири бизнисот во Македонија со изградба на фарма за одгледување јуници на површина од 40 хектари, планира да го удвои производството и бројот на вработени. Веќе се бара земјиште. Тогашниот премиер Никола Груевски најави дека се работи на вадење дозволи, лиценци.

„Фабриката планира бројот на вработени да го удвои, од сегашните 80 на 150 лица. Очигледно се работи за силна, моќна компанија, со огромен капацитет, искуство и квалитет, која претендира сериозно ширење на пазарот“, изјави своевремено Груевски откако ги разгледа погоните.

Според најавите, „Суташ“ требаше на фармата да направи тренинг центар за обуки на македонските сточари кооперанти, да произведува и јуници кои потоа ќе им бидат дадени на фармерите со цел продукција на млеко по светски стандарди.

Суташ е меѓу водечките бренд во млечната индустрија во Турција. Вработува над 4.000 луѓе,  има 750 милиони литри производство и годишен обрт над 500 милиони евра.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци