Ван Хоол

Ван Хоол Македонија ДООЕЛ Илинден

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

42.000.000 евра

Инвестирани

25.969.987 евра

Вработувања

Најавени

950

вработени

820

Белгиската компанија за производство на автобуси, „Ван Хоол“, беше најавена во јануари 2012, а го постави камен темелникот на својата прва фабрика во ТИРЗ Скопје 2 Бунарџик во јули 2012 година, најавувајќи дека ќе инвестира 20 милиони евра и дека ќе вработи до 500 луѓе.

Производството почна следната година испорачувајќи ги првите автобуси произведени во земјава на американскиот пазар, а официјалното отворање на фабриката беше во мај 2014 година. На отворањето, инвеститорот рече дека во Македонија вложил 25 милиони евра и дека само во првата година се произведени 130 автобуси од 430 работници. 

Според податоците од Централниот регистар, во „Ван Хоол“ до крајот на 2015 година работеле вкупно 668 луѓе. Во 2016 година веќе бројката на вработени се зголемува на 820 луѓе. 

Вкупната актива на компанијата изнесува 98,2 милиони евра, од кои нетековни средства се околу 26 милиони евра, додека пак, основачкиот влог е 5 милиони евра. Како сопственик на фабриката во Македонија се јавува белгиската фирма Имморц НВ, регистрирана во Лиер. Управители во Македонија се Филип „Ван Хоол“ којшто пред македонската јавност се претстави како сопственик на фабриката за автобуси и Јан Ван Хоол кој што е одговорен и во матичната компанија во Белгија. 

Финансиските резултати на „Ван Хоол“ во Македонија покажуваат дека овде бизнисот добро им оди. Во 2015 година од продажба на автобуси, компанијата инкасирала вкупни приходи од 95,4 милиони евра, што е за 38,2% повеќе од годината претходно, додека пак, добивката изнесува 6,55 милиони евра и е речиси дуплирана за една година. 

„Ван Хоол“ е една од странските компании коишто добија државна помош од Владата за изградбата на нивната фабрика овде, меѓутоа, известувањето од Комисијата за заштита на конкуренцијата не открива колку пари им префрлиле властите на Белгијците ниту пак, на што се обврзале тие за возврат.  

„Ослободување од плаќање данок на добивка во период од XXX години; ослободување од плаќање персонален данок на доход по основа на плати за вработените во период од XXX години; грант од XXX евра за покривање на трошоците за изградба на објектот; помош за одобрени трошоци за обука и усовршување во висина од XXX евра“, е дел од одобрената државна помош за белгиската компанија. 

Меѓутоа, во едно интервју за белгискиот медиум Дејли Тренд, управителот Филип Ван Хоол, зборувајќи за фабриката во Македонија, изјави дека во земјава инвестирале 30 милиони евра, од кои повеќе од половина, дури 17 милиони евра биле помош од македонската влада и додаде дека компанијата во Белгија веќе не правела профит, а бизнисот им го спасила фабриката во Македонија. 

Со инвестицијата во Македонија, Филип Ван Хоол рече дека неговата компанија  го одбележува нивниот јубилеј - 65 години. 

„Ме прашаа зошто инвестираме во Македонија, а не во растечките земји во светот, како Индија и Кина. Па токму Македонија е еден од тие растечки центри. Таа има историја на поврзување на различни светови: исток и запад, а сега Европа и Америка. Убеден сум дека ќе успееме со оваа инвестиција и дека ќе можеме да се потпреме не само на образованието на младите генерации во техничките училишта и одличните македонски универзитети, туку и на големото искуство во производство на квалитетни автобуси кои во минатото биле произведувани во Македонија“, рече Ван Хоол.

Груевски оцени дека оваа инвестиција ќе има многу позитивни ефекти за Македонија, бидејќи во новата фабрика директно ќе се вработат околу 400 до 500 луѓе, а индиректно полза ќе имаат повеќе фирми кои ќе соработуваат со „Ван Хоол“ и ќе ги понудат својата логистика и услуги.

„Меѓу новите вработени верувам дека свое место ќе најдат и поранешни работници на ФАС '11 Октомври', како и други лица кои имаат квалификации или претходно искуство во производство на автобуси или биле дел од машинската и електронската индустрија. Новата фабрика ќе донесе и нови знаења за автомобилската индустрија и за новите технологии во светот“, рече Груевски.

Четири години по поставувањето на камен темелникот, во јануари 2016, оваа белгиска компанија во зоната во Бунарџик удри темелник на уште една фабрика вредна 17 милиони евра и отворање на уште 450 нови работни места. Со тоа вкупната инвестиција на компанијата треба да достигне 42 милиони евра, и број на вработени од 950 луѓе. 

„Досега тука имаме произведено 1.000 автобуси од кои 900 се извезени на американскиот, а 100 на европскиот пазар“, рече Ван Хоол.

Тој ја истакна компанијата како позитивен пример за соработката помеѓу странските и домашните компании и нагласи дека имаат соработка со повеќе од 300 домашни фирми. 

„Ван Хоол“ е семејна компанија за производство на автобуси и индустриски возила основана 1947 година.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци