Адиент аутомотиве (екс Џонсон контролс)

Адиент аутомотиве Струмица ДООЕЛ

Во тек

Вредност на инвестиција

Најавени

19.000.000 евра

Инвестирани

0 евра

Вработувања

Најавени

1.500

вработени

581

„Адиент аутомотиве“ е трета фабрика на американската компанија „Џонсон контролс“ во Македонија. Нејзиното отворање е најавено на 3 ноември 2015 како инвестиција вредна 20 милиони долари, близу 19 милиони евра според тогашниот курс, која ќе отвори 1.500 нови работни места.

До крајот на 2016 година, во фирмата имало 581 вработени лица, а во 2015, годината за која поседуваме официјални податоци, „Адиент“ нема пријавено нетековни средства.

Станува збор за фабрика за автомобилски седишта лоцирана во Технолошко-индустриската зона во Струмица. Договор за реализација на инвестицискиот циклус на компанијата „Џонсон контролс“ во Tехнолошко индустриската развојна зона – Струмица е потпишан во јануари 2016, фабриката почна да се гради во мај 2016, а треба да проработи во април 2017.

На глобално ниво, на крајот од октомври 2016, „Џонсон Контролс“ донесе одлука да го издвои својот бизнис за производство на автомобилски ентериер што резултираше со формирање две компании: „Џонсон контролс интернешнл“ и „Адиент“.

Согласно на ова, сопственик на фабриката во Струмица, како и на фабриката во Штип, е фирмата „Адиент“ со седиште во офшор-државата Џерси.

Таканаречените даночни оази, како што е државата Џерси, лоцирана во морскиот канал Ла Манш, се светски прибежишта на крупниот капитал, кои ги користат богатите луѓе и бизнисмени за да ги избегнат високите даноци во матичните земји.

Во јануари 2016 Комисијата за заштита на конкуренцијата ја одобрила државната помош за, тогаш сѐ уште, „Џонсон контролс аутомотив Струмица“. Меѓутоа, како и во останатите случаи, и тука комисијата не ја открива висината на помошта.

Инаку, помошта се однесува на создавањето непознат број работни места (бројката е скриена), ослободување од плаќање данок на добивка и персонален данок на вработените во период од една деценија, како и ослободување од ДДВ за увоз на добра во струмичката зона. Понатаму, покрај царински олеснувања, државата ја ослободува компанијата од надоместок за уредување на градежното земјиште и учествува во трошоците за изградба на објектот во којшто ќе биде фабриката.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Датум на најава

ноември 2015 год.

Државна помош

Земја на потекло

Преземете податоци