На почетокот од 2014 година во ТИРЗ Штип, „Џонсон контролс“ ја отвори својата фабрика за тапацир и производство на навлаки за автомобилски седишта. На промоцијата, тогашниот премиер Никола Груевски најави дека компанијата ќе инвестира 20 милиони евра и дека ќе вработи 1.400 луѓе.
Фабриката, всушност, почна да се гради во 2011 година на 17 октомври. Во јули 2012, Комисијата за заштита на конкуренцијата ја одобрила државната помош за, тогаш сѐ уште „Џонсон Контролс“, меѓутоа како и во останатите случаи и тука Комисијата не ја открива висината на помошта.
Помошта се однесува на грант за покривање на трошоците за придонесите од задолжително социјално осигурување по основа на платите на вработените, и грант во непознат износ за креирање нови работни места, ослободување од плаќање данок на добивка и персонален данок на вработените во период од една деценија, како и ослободување од ДДВ за увоз на добра. Понатаму, покрај царинските олеснувања, државата ја ослободува компанијата од надоместок за уредување на градежното земјиште и учествува во трошоците за изградба на објектот во којшто ќе биде фабриката.
На крајот од 2015, во оваа фабрика работеле 1.773 лица, додека вредноста на нетековните средства на компанијата е 16,4 милиони евра.
Во 2016 година, бројот на вработени се намалил за дваесетина лица и изнесува 1.756, а нетековните средства се намалуваат на 14,2 милиони евра. Оваа компанија е една од малкуте компании кои го натфрлиле бројот на најавените работни места.
На глобално ниво на крајот од октомври 2016, „Џонсон Контролс“ ја издвои фирмата „Адеинт сеатинг“ од својата групација и се смени и сопствеништвото на компанијата во Штип. Сега сопственик на фабриката е македонската „Адиент сеатинг“, чиј сопственик е истоимена компанија со седиште во офшор-државата Џерси.
Таканаречените даночни оази, како што е државата Џерси, лоцирана во морскиот канал Ла Манш, се светски прибежишта на крупниот капитал, кои ги користат богатите луѓе и бизнисмени за да ги избегнат високите даноци во матичните земји.
Последно ажурирање: 22 септември 2017 год.