Името на оваа странска инвестиција за прв пат се појави во изборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 година, наречена „Реално“. Таму партијата информира дека компанијата „Ај-скај грин“ (I-sky green) од Израел веќе почнала со браунфилд инвестиција во општината Неготино, подготвувајќи фабрика за рециклирање гуми.
Вкупната инвестиција, според ВМРО-ДПМНЕ, во првата фаза е два милиона евра и таа ќе обезбеди 20 вработувања. Нема никаква друга информација за овој проект, ниту на владината, ниту, пак, на веб страницата на општината Неготино.
Она малку што може да се дознае од тековната сметка на компанијата, регистрирана во Скопје под името „Ај-скај греен“, е тоа дека капиталот на оваа инвестиција не доаѓа директно од Израел, туку од Сејшели, позната светска офшор-дестинација, која гарантира анонимност на сопствеништвото и ниски даноци.
Офшор-линковите на оваа компанија не завршуваат тука. Сопственик на странскиот инвеститор во Македонија е фирма од Сејшелите, а директор на фирмата - инвеститор е од Кипар, извесен Георгис Антониадес од Никозија.
Тековната сметка на „Ај-скај грин“ открива и дека фирмата има подружница во неготинското село Тремник и дека оваа компанија била формирана во октомври 2015.
Повеќе информации не можат да се добијат ниту од нејзината официјална веб страница, каде што има само скудни податоци дека фирмата се занимава со управување на отпад, прочистување на вода и со соларна енергија. На оваа интернет страница нема никакви податоци за тоа кои се луѓето што ја водат фирмата, ниту, пак, за нејзиното седиште, кое според објавениот телефонски број се наоѓа во Лондон, Велика Британија.
Сепак, човекот што ја регистрирал оваа веб страница - Ошри Коен е Израелец, а истиот тој бил и неколку месеци директор на скопската „Ај-скај грин“. Неговиот линкедин-акаунт открива дека тој е дел од израелската компанија „Ај-скај груп“ (I-sky group Inc.) и дека таа, освен што се занимава со управување со отпад, работи и во областа на безбедноста и на одбраната и развива системи за разузнавање.
Податоците од завршната сметка покажуваат дека скопската „Ај-скрин грин“ до крајот на 2015 година имала тројца вработени, а во 2016 четири. Нетековните средства на компанијата имаат вредност нешто помала од 15.000 евра.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.