Првата најава за инвестиција на германската компанија „Акомпласт“, во која ќе се произведуваат делови за автомобили, датира од 18 март 2015 година.
При првите контакти со оваа компанија, општината Прилеп официјално објави дека во новата инвестиција на „Акомпласт“ ќе бидат вработени 250 луѓе.
Во април 2015, Груевски ја најави повторно, но според медиумските извештаи, во јануари 2016 кога беше поставен камен темелник на фабриката на германската компанија, во Технолошо-индустриската зона Алиници, прилепско, најавените 250 вработувања се сведоа на 150.
„Станува збор за инвестиција која се проценува на три милиони евра, со која се очекува да бидат отворени 150 нови работни места овдека во Прилеп“, изјави во своето обраќање тогашниот премиерот Никола Груевски.
На отворањето претставникот на „Акомпласт“ и управител на нивната компанија формирана во Македонија „Инјецтион моулдинг Прилеп“, Инес Андре, истакнал дека одлуката за инвестирање во Прилеп ја донеле, бидејќи тука им биле понудени најдобри услови и поддршка од општината, поради добро обучениот кадар, како и отвореноста за соработка на Владата.
Во објектот, кој беше најавен за летото 2016, ќе се произведуваат делови за автомобили по најсовремена технологија кои ќе бидат наменети за европскиот пазар и големите автомобилски брендови како што се „БМВ“, „дајмлер“, „ауди“, „фолксваген“, „мерцедес“, „бентли“ и „јагуар“.
Со оглед дека сѐ уште официјално не е пуштена во употреба фабриката, при крајот на 2015 година, „Акомпласт“ или во Македонија регистрирана како „Инјецтион моулдинг Прилеп“, имала само еден вработен и нетековни средства во вредност од речиси 14.000 евра. Во 2016 година, бројката на вработени изнесува осум лица.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.