Британската компанија „Асенд Капитал“, која е сопственик на глобална мрежа на кол-центри во Европа и во Африка, во април 2013 година најави дека ќе инвестира во Македонија.
Компанијата ја промовираше директорот на Агенцијата за странски инвестиции, Висар Фида, заедно со директорот и еден од двајцата сопственици на фирмата во Македонија, Џастин Драмонд.
„Асенд капитал“ од тогаш е присутна во Скопје под името „Актив груп“, регистрирана под дејноста трговија на големо со хемиски производи.
Тоа е така, бидејќи најавено беше оти „Асенд капитал“ ќе отвори кол центар за директен маркетинг и регионална продажба на еколошки препарати за чистење, инвестиција вредна неколку стотици илјади евра.
„Во период од 12 до 18 месеци, британската компанија планира да вработи од 100 до 150 млади кадри од Македонија со познавања на регионалните јазици. Покрај вработувањата кои се најголема придобивка за земјата, инвестицијата ќе влијае и на подобрување на трговскиот биланс со земјите од регионот”, изјави директорот на агенцијата Висар Фида.
Сосопственикот на фирмата, Џастин Драмонд, пак, изјави дека оваа првична инвестиција ќе преставуваа одлична платформа за проширување на нивните инвестиции во Македонија и најави дека компанијата ја разгледува можноста за инвестирање во хотелиерството, во индустријата за недвижнини и во минералните ресурси.
Според британската веб страница на „Асенд капитал“, Драмонд има престижна работна биографија. Тој е човек со 15-годишно искуство во инвестирање и во подигнување успешни фирми кои се занимаваат со технологија и со телекомуникации. Една од неговите поуспешни компании е „Медиа корп“ која ја формирал со почетен капитал од 200.000 фунти и само за четири години фирмата вредела 50 милиони.
Сепак, триесет месеци по најавата на инвестицијата, на крајот од 2015, скопската фирма на „Асенд капитал“ имала само шест вработени, колку и годината претходно, додека, пак, нетековните средства ѝ изнесувале само 32.000 евра.
Во 2016, пак, оваа фирма нема вработени.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.