Во август 2015 година, ирската компанија „Баракуда Еф Икс“ официјално го потврди влезот во Македонија, преку отворање посебен центар за истражување. Најавите беа дека фирмата ќе почне со работа за еден месец, односно во септември 2015 година и дека ќе вработи 80-90 високо стручни кадри, односно програмери.
Инвестицијата, според најавите на вицепремиерот Владимир Пешевски, е тешка 1 милион евра.
Податоците од Централниот регистар за 2015 година, пак, говорат дека нетековните средства на компанијата изнесуваат околу 39 илјади евра, а во фирмата има само тројца вработени. До крајот на ноември 2016 година, пак, во фирмата имало 7 вработени лица.
Никаде во медиумите не може да се најде точен податок точно за каков центар за истражување станува збор. Единственото образложение го даде вицепремиерот Пешевски кога ја најави инвестицијата.
„Се работи за центар за истражување кој не е типичен и досега немало таков во Македонија. Целта е, од она што сега го има компанијата како главен производ за тргување на светските пазари, да се развијат производи во Македонија за другите сегменти во финансиското работење“, рече тој.
На истата прес-конференција, Морис Куран, еден од основачите на компанијата, рече дека менаџерскиот тим многу лесно ја одбрал Македонија како дестинација за инвестиции.
„Неколку пати ја посетивме Македонија. Бевме охрабрени од она што го видовме, професионалност, перспектива… Затоа лесно ја донесовме одлуката да дојдеме тука. Се надеваме дека многу странски компании ќе го следат нашиот пример“, рече Куран.
Според официјалната веб-страница на Баракуда, фирмата е основана 2009 година и испорачува софтверски решенија за глобалната банкарска индустрија.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.