Инвестицијата беше најавена во септември 2008 година, како прва голема турска инвестиција во зоната, а воедно и најголема турска индустриска инвестиција во Македонија, но таа никогаш не се оствари.
Турската компанија Бортекник Отомотив во слободната економска зона Бунарџик требаше да гради фабрика за производство на калапи и на алуминиумски профили. Меморандумот за соработка беше потпишан во Истанбул помеѓу тогашниот премиер Никола Груевски и Бунјамин Атик, сопственикот на Бортекник Отомотив, дел од холдингот за производство на алуминиум „Борал“.
Меморандумот предвидувал Атик за шест до седум месеци да изгради фабрика во зоната во која ќе се вработат 100 работници, а во наредните две до три години да се вработат уште 200 лица. Компанијата требало да извезува претежно во Германија и Турција.
„За нас ова е важен договор, бидејќи практично значи дека во Македонија ќе се изгради фабрика што ќе извезува производи во износ од 150 милиони евра на западните пазари“, рече Груевски по потпишувањето на договорот.
На прашањето кои се причините за решението да вложува во Македонија, Атик изјавил дека има две причини.
„Евтината работна рака и тоа што сум од Скопје“.
Турската компанија во Македонија требаше да инвестира 20 милиони евра.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.