Во декември 2016 година само неколку дена пред одржувањето на парламентарните избори, во околината на Македонски Брод почна изградбата на фабрика за оружје, муниција и опрема на американската компанија Броудстоун Дифенс.
Според најавите, инвестицијата ќе достигне 4,65 милиони евра (5 милиони долари) и треба да отвори 200 нови работни места. Фабриката треба да биде изградена до мај 2017, а во јули да почне производството.
Во своето обраќање пред присутните, министерот за одбрана Зоран Јолевски истакна дека Броудстоун Дифенс ќе трансферира најсовремена технологија во Македонски Брод од каде американската војска и земјите членки на НАТО ќе се снабдуваат со муниција и со вооружување.
„Оваа инвестиција има повеќе значења. Покрај отворањето нови работни места, Македонија ќе добие и најсовремен производствен погон за муниција и лично наоружување според стандардите на НАТО. Но, ова е воедно и многу значаен чекор напред во зајакнување на борбената готовност на Армијата на Република Македонија“, истакна Јолевски.
Броудстоун Дифенс разгледувала повеќе локации за фабриката, но, како што истакна основачот Денис Прат, ја одбрала Македонија поради одличната геостратешка положба и поволната бизнис клима. „Броудстоун Дифенс ќе вработи 200 луѓе во следните неколку години. Вработувањата ќе почнат од април 2017 кога ќе ангажираме локални мајстори, поранешен воен персонал, лица со искуство во огненото оружје и муниција, како и административци“, истакна Прат.
Претходно во ноември 2016 година, и поранешниот премиер Никола Груевски ја најави оваа инвестиција на митингот на партијата ВМРО ДПМНЕ во Македонски Брод.
Компанијата Броадстоне Секјурити ДОО Скопје е основана во мај 2016 година со основачки влог од 5.600 долари.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.