Инвестицијата на бугарската БТБ, која се занимава со производство на женска облека, беше најавена во јуни 2016 година во Виница, а инвеститорите отвориле фирма во Македонија претходната година, во 2015.
Најавени беа 200 нови вработувања, а според податоците од Централниот регистар, до крајот на 2015 година, во фирмата имало 40 вработени, а пред крајот на 2016 година - 100 вработени. Нетековните средства на компанијата за 2015, пак, изнесувале околу 255 илјади евра.
„Првата причина поради која инвестицијата е токму во Виница е тоа што Македонија и Бугарија се многу блиски по својата култура и традиција и нема јазична бариера, а втората причина е тоа што Македонија има долга традиција во производство на облека“, изјави Ахим Бајерл, сопственик на компанијата „БТБ Бугарија“ на отворањето на фабриката.
„За Виница и за општината секоја нова инвестиција која ќе помогне во спречувањето на силната миграција е голем плус во намалување на невработеноста, но и во поттикнување на конкуренцијата“, рече Емил Дончев, градоначалник на Општина Виница.
Во фабриката во Виница, како што пренесоа медиумите, планирано е да се шие облека од прва класа за најголемиот клиент на БТБ - Comma, како и сопствениот бренд „Вајана“.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.