Италијанската софтверска компанија од Милано, „ДФ лабс“ во март 2014 најави дека ќе отвори претставништво во Скопје и дека од тука ќе изработува софтвер за заштита и за брзо справување при сајбер-напади.
Нејзини потенцијални клиенти се болници, градежни компании, банки, владини агенции, тајни служби и други полициски органи, кои би можеле да го користат софтверот за безбедност и за форензика.
Компанијата во март 2014 ја претстави министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф. Малку подоцна, на самото отворање на претставништвото во септември истата година, беше најавено дека до крајот на 2015 ова фирма ќе вработува 20 лица, а според предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 во наредните две години оваа бројка ќе се искачи до 50.
„Овој проект ќе исплаќа натпросечни плати, ќе вработи млади талентирани дипломци и ќе креира трансфер на најнови практични знаења во технологијата“, изјави министерот за странски инвестиции Џери Наумоф при промоцијата.
Според документите од Централниот регистер, „ДФ лабс интернационал“ ја завршила 2015 со седум вработени и со вредност на нетековните средства нешто помали од 7.000 евра. Во 2016 година, бројката на вработени изнесува 9 лица, а нетековните средства изнесуваат 6,4 милиони евра.
Компанијата најави и соработка со факултетите за информатичка технологија во Охрид и во Скопје.
Наумоф не спомна колку вкупно ќе вложи италијанската компанија во Македонија, а нема ниту официјална информација дека оваа фирма добила некаква државна помош изминативе години.
„Добивме исклучителна поддршка од членовите на неговиот кабинет (н.з. Џери Наумоф). Добиваме помош во секој момент и никогаш се немаме почувствувано сами“, истакна директорот на компанијата Дарио Форте при најавата на инвестицијата.
Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.