Елан Пропертис

Елан Пропертис ДООЕЛ Скопје

Нереализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

45.000.000 евра

Инвестирани

1.614.285 евра

Вработувања

Најавени

500

вработени

0

Најавено во 2007 година како британска инвестиција вредна 45 милиони евра со 500 нови вработувања, „Елан Пропертис“ требаше да гради нов трговски центар зад Рамстор. Камен темелникот  во 2008 година го постави тогашниот премиер Никола Груевски, a објектот кој е на површина од 30.000 квадратни метри, требаше да профункционира за 2 години, односно до 2010.

Тогашниот министер за транспорт, Миле Јанакиески, на поставувањето на камен темелникот рече дека изградбата на трговскиот центар, зад кој стои реномираната „Елан Пропертис“ ќе придонесе за подобрување на деловната клима во земјава, ќе испрати сигнал за нови вложувања и ќе го поттикне развојот на здрава конкуренција во оваа сфера.

Градежните работи требаше да ги изведува „Гема груп“ од Скопје.

Трговскиот комплекс требаше да се состои од приземје, два ката и подземен дел со четири нивоа. Во првите три подземни нивоа требаше да има паркинг со капацитет за 411 возила, додека во горниот дел од објектот, освен предвидените 70-ина дуќани, требаше да има и 66 локали.

Локацијата беше понудена на продажба преку лицитација, а за локацијата за трговскиот центар имало 6 заинтересирани купувачи.

Победила „Елан Пропертис“, дел од англиската групација Еквест Балкан пропертис ПЛЦ која понудила 24.800 ден. за квадрат, односно вкупно платила 2,2 милиони евра.

Што се случило и зошто пропадна инвестицијата, не е познато.

На веб страницата  на британската компанија стои дека тие имаат градено трговски центри во Бугарија, Романија, Словачка, Србија... Што се случило во Македонија не е соопштено.

Она што се знае е дека фирмата „Елан Пропертис“ сѐ уште функционира во земјава. Има 3 компании, Елан Пропертис ДООЕЛ, Елан Пропертис инженеринг ДООЕЛ и Елан Пропертис БЦ-С, а две од нив имаат иста адреса, на „Ленинова“ („Аминта Трети“). На истата адреса е регистрирано и адвокатското друштво „Чукиќ и Марков“.

Имено, први сопственици на Елан Пропертис ДООЕЛ се Серјожа Марков и Лазар Чукиќ, адвокати кои во јавноста се познати по тоа што се јавуваат како застапници на големи компании блиски до владејачките гарнитури.

Оваа фирма нема ниту еден вработен, а нетековните средства на компанијата изнесуваат околу 1,6 милиони евра. 

Сопственик на Елан Пропертис БЦ, пак, е фирмата „Алфекс инженеринг“ чиј сопственик пак е офшор фирма од Холандски Антили.

Сопственик на третата фирма, пак, „Елан Пропертис инженеринг“ е офшор фирма од Курасао.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.

Преземете податоци