Ера Сити

Ера Сити Скопје

Нереализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

150.000.000 евра

Инвестирани

0 евра

Вработувања

Најавени

800

вработени

0

Инвестицијата и изградбата на Ера сити, регионален деловно – трговски центар, е соопштена на прес конференција во август 2007 година.

Половина година подоцна, на први февруари 2008 година во Скопје, поранешниот премиер Никола Груевски, министерот за надворешни работи на Словенија, Димитриј Рупел, и претседателот на управата на групацијата Ера Гвидо Омладич поставија камен темелник за Ера сити Скопје и бизнис зградата што требаше да претставува прв нов објект од најголемиот и најсовремениот деловен трговски и забавен центар во регионот.

Ова, според веб-страницата на Ера сити, се главните детали за новиот бизнис центар: 

Инвеститор: Групација Ера д.д Велење со партнерите

Вредност на инвестиција: 150 милиони евра

Почеток на градење: февруари 2008

Површина на бизнис зграда: 33.600 m2

Површина на трговски центар (прехрана и дополнителни дејности): 85.000 m2

Површина на трговски центар (непрехрана): 22.000 m2

Во самиот старт дојде до доцнење на изградбата. Роковите се поместија за март-април 2008 година. Во мај градежната компанија „Гранит“ започна со градба на инфраструктурата.  

„Финансиите и кризата се проблем и за стартот на изградбата на бизнис-центарот во Ера сити“, изјавил Дејан Кошутиќ од „Ера груп“ во 2010 година за „Утрински весник“.

Тој за „Утрински“ објаснува дека за објектот, кој е во фаза на градежна јама, се бара партнер-инвеститор. За објектот „Ера груп“, според Утрински, нема извадена градежна дозвола, која треба да почека до изнаоѓањето партнер.

„Преговорите се при крај со неколку светски и регионални компании и тоа не само за бизнис-центарот, туку и за шопинг-центрите кои се дел од ’Ера сити’“, вели Кошутиќ и објаснил дека пред почетокот на минатогодишната криза, биле во преговори со повеќе компании заинтересирани да започнат со изградба, но тие се повлекле поради финансиски проблеми.

„Ера“ си го купи земјиштето, имаше план да гради на него, а до каде е работата на терен не сме во тек. Како општина се грижиме да бидат наплатени комуналните такси и сите други давачки поврзани со градењето. Кога Словенците го купија земјиштето не постоеше законска обврска да почнат да градат во рок од две години од потпишувањето на купопродажниот договор и плаќањето на давачките. Ова е приватна инвестиција и за ризиците за нејзиното нереализирање се одговорни самите тие“, изјавил Сашо Трајков, одговорен за економски развој на општината Гази Баба за Нова Македонија во 2010 година.

Во 2011 година, речиси 4 години откако беше најавена, Словенците и официјално соопштија дека ја стопираат инвестицијата.

„Економската криза придонесе да ја стопираме оваа инвестиција. Дали ќе се гради деловно-трговскиот центар и што ќе случува понатаму, ќе кажеме наскоро, кога ќе имаме детали за идните активности", изјавила за „Вест“ Тања Матовска, задолжена да информира за ситуацијата на Скопски саем.

„Го изменивме планот, дури и ние баравме дополнителни инвестиции за да се реализира овој проект. Сè што е во наша надлежност, дури и повеќе од тоа, ние го завршивме. Инвеститорот плати комуналии, доби градежна дозвола, сега сè зависи од него", кусо изјавиле од општината Гази Баба за „Вест“.

Во март 2016, Скопски саем и официјално го даде на продажба местото каде што требаше да се изгради најголемиот деловно–трговски објект Ера сити.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.