Во декември 2015 година беше потпишан договорот за изградба на културен центар и музичко студио за продукција на филмска музика, инвестиција вредна 1,5 милиони евра на француската компанија „Фамес“.
Во истиот месец, беше потпишан и договорот за продажба на државно градежно земјиште во општина Гази Баба меѓу градоначалникот Тони Трајковски и претставниците на „Фамес“, Oде Насеу Маупас и Лорент Копиц.
Согласно договорот, како што пренесоа медиумите, планирано било да се изградат два објекта – културен дом со површина од 543 метри квадратни и музичко студио со површина од 1.194 метри квадратни на локацијата каде што се наоѓа културниот дом во населбата Автокоманда.
На потпишувањето на договорот присуствуваа и тогашниот премиер Никола Груевски, министрите за култура и за странски инвестиции, Елизабета Канческа Милевска и Бил Павлески, како и француската амбасадорка Лоренс Оер.
„Компанијата повеќе години наназад е присутна во Македонија и со снимање филмска и друга оркестарска музика веќе е етаблирана во светската филмска индустрија. Многу музички траки компонирани и создадени во Македонија во изминатиот период станаа подлога и составен дел на бројни холивудски филмови и реклами во светски рамки. Присуството на Фамес во земјава во изминатите години донесе одлична соработка со Македонската филхармонија, со Македонската опера и балет и со многу уметници, музичари и монтажери од нашата земја“, рече Груевски, додавајќи дека инвестицијата ќе овозможи подолгорочен ангажман на повеќе од 100 македонски уметници.
Тој додаде дека новиот објект во Гази Баба во прв ред ќе биде од значење за жителите од општината кои на местото на стариот културен дом ќе добијат најсовремен и модерен објект во кој ќе функционира новата библиотека, театар и новиот културен дом на општината.
Министерот Павлески рече дека „Фамес“ неколку години е присутна и активна во Македонија и функционира во склоп на МРТВ, а реализацијата на новиот гринфилд проект се наметнала поради зголемениот обем на работа и потребата за самостојно функционирање на компанијата.
Податоците од Централниот регистар говорат дека во 2015 година, оваа компанија имала нетековни средства од околу 127 илјади евра и 9 вработени, а во 2016 година бројот на вработени се зголемил за уште едно лице, додека нетековните средства се зголемуваат и изнесуваат над 472 илјади евра.
Последно ажурирање: 15 септември 2017 год.