Според најавите кои датираат од 2007 година , на местото на поранешна „Алумина“ требаше да биде отворен голем деловен центар распространет на 90.000 квадратни метри, G-mall.
Израелската компанија „Газит глоуб“ преку својата филијала основана во Македонија „Г-Македонија“ на 30 јуни 2008 станала легален сопственик на фабриката „Алумина“ и на земјиштето каде што таа е лоцирана, отворајќи пат за развој на локацијата што беше надвор од функција последните осум години, објавија медиумите во 2008 година.
„Газит глоуб“ бил единствениот наддавач во петтиот обид за продажба на објектот. Компанијата дала цена за 20 отсто поголема од почетната цена, на тој начин обезбедувајќи поголема наплата на кредиторите на „Алумина“. Како што објавија медиумите, израелската компанија ја купила поранешна „Алумина“ за 22 милиони евра.
Тогашниот министер Глигор Ташковиќ, кој го донел израелскиот инвеститор, вели дека во текот на купопродажбата „Газит Глоуб" се соочила со сериозни предизвици кои произлегле од стечајот на „Алумина" и кои се надминати во втората половина на годината.
„Газит Глоуб", според медиумите, планирал да инвестира 100 милиони евра во резиденцијално - комерцијален центар, кој требало да содржи и луксузен хотел и деловни згради. Ташковиќ во 2008 година изјави дека 700 работници ќе добијат придонеси за пензии, плати и здравствено осигурување, за што ќе бидат платени 4,14 милиони евра.
Компанијата планирала во Македонија да инвестира и во два други проекта, кои се проценуваат на вкупна вредност од 200 милиони евра.
Помпезните најави за грандиозен трговски центар на местото на некогашната фабрика и нови проекти стивнаа некаде во 2011 година кога тогашниот градноначалник на Карпош, Стевче Јакимовски, ја обвини Владата дека одбрала погрешни инвеститори.
„Очигледно израелскиот инвеститор нема пари, а моја претпоставка е дека тие планираат да го препродадат земјиштето. Сметам дека најпаметно е земјиштето да им се одземе и да се пренамени за друго нешто“, изјави Јакимовски во интервју за „Утрински весник“.
Македонската филијала на „Газит Глоуб“ сѐ уште не е згасната. Фирмата има само еден вработен, и во 2014 и во 2015 и во 2016 година.
Нетековните средства на фирмата изнесуваат 32,3 милиони евра. БИРН по електронска пошта испрати прашања до „Газит Глоуб“ со барање да ни се образложи што се случило со инвестицијата, но одговор не добивме.
На веб страницата на Газит Глоуб пишува дека групацијата работи во повеќе од 20 земји, поседува и управува со 429 имоти со површина од околу 6,5 милиони квадратни метри и има бруто годишен приход од околу 1,7 милијарди долари.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.