За време на турското роуд-шоу од септември 2014, тогашниот премиер Никола Груевски ја најави фабриката за производство на медицински инструменти, инвестиција на компанијата „Истем медикал“.
Владината делегација најави дека во технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, „Истем медикал“ ќе произведува медицинска опрема, катетери, уролошки системи и останати медицински производи. Неколку месеци претходно, во Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ за потребите на изборите во 2014, стои дека инвестицијата ќе изнесува осум милиони евра, меѓутоа за време на роуд-шоуто оваа бројка е подигната за два милиона.
Според најавите фабриката на „Истем медикал“ во Бунарџик требаше да ги отвори вратите за 150 работници и по неколку години за уште 100 или вкупно да создаде 250 нови работни места. Планот на турската компанија беше да почне со градење на фабриката уште во октомври истата година, еден месец по роуд-шоуто на Груевски во Турција.
На ова му претходеше Договор за закуп на државно земјиште и одлука на Владата за државна помош која датира од јануари 2014 , а одобрени се од Комисијата за заштита на конкуренцијата во август истата година, еден месец пред официјалната најава на турската инвестиција.
Меѓутоа, на крајот од 2014, Владата го раскинала договорот за државна помош на „Истем медикал“, бидејќи претходно компанијата не го испочитувала договорот да почне да ја гради фабриката во рок од девет месеци откако паднал дилот за закуп на земјиштето.
Затоа денес „Истем медикал“ има само еден вработен во Македонија и нетековни средства од околу 25.000 евра.
Од Агенцијата за странски инвестиции за БИРН изјавија дека компаниите „Матек“ и „Тотал“ се обединиле со компанијата „Истем медикал“, кои имаат обезбедено земјиште во зоната ТИРЗ Скопје, меѓутоа претходно сите три компании се најавени како посебни инвеститори.
„Поради кризните ситуации во Турција ја одложија инвестицијата за една година. Сопствениците очекуваат во 2017 да почне реализацијата на инвестицијата во Македонија“, велат од Агенцијата.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.