Кемет

Кемет Електроникс Македонија ДООЕЛ Скопје

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

25.000.000 евра

Инвестирани

14.027.467 евра

Вработувања

Најавени

500

вработени

261

Американската компанија Кемет Електроникс ја отвори својата фабрика за производство на електронски кондензатори во технолошко-индустриската развојна зона Скопје 1 – Бунарџик во октомври 2012 година, една година откако беше поставен камен темелникот со најава за инвестиција од 25 милиони евра и отворање на 500 нови работни места. 

Последните податоци од Централниот регистар покажуваат дека заклучно со крајот на 2015 година, бројот на вработени во оваа фабрика достигнал 258 луѓе, што е речиси 50% помалку од ветениот број. Во 2016 пак, бројот на вработени се зголемил за тројца, на 261. 

Податоците од Регистарот на директни инвестиции покажуваат дека инвеститорот доаѓа од американската држава Делавер, којашто важи за офшор зона што на бизнисмените им нуди посебен даночен третман.

Компанијата во Македонија, „Кемет Електроникс Македонија“, е основана во 2011 година со 5 илјади евра, а досега основачкиот влог достигнува 12,5 милиони евра. Вкупната актива на компанијата пак, до крајот на 2015 година изнесува 23,9 милиони евра. Како управител во компанијата во Македонија е назначен Гуидо Галени.

Во 2015 година нетековните средства на компанијата изнесуваат 14,5 милиони евра, додека во 2016 година 14 милиони евра. 

„Кемет Електроникс“ е на листата странски компании што добиле државна помош од Владата. Иако во објавеното решение од страна на Комисијата за заштита на конкуренцијата, сумата на паричната помош е скриена со ознаката XXX, сепак во годишниот извештај на Комисијата е наведено дека во 2011 година, Кемет Електроникс добила од Владата државна помош во висина од 2,05 милиони евра. 

Податоците од Централниот регистар покажуваат дека американската компанија во земјава работи добро. Во 2015 година оствариле приходи од 12,7 милиони евра, што е 7,1% повеќе отколку во 2014 година, додека пак, профитот за една година е дуплиран, на речиси 480 илјади евра.

Идејата за инвестирање во Македонија, како што истакна извршниот директор на компанијата, Пјер Луф, на поставувањето на камен темелникот, произлегла од рекламата „Инвестирајте во Македонија“ што ја видел на Си-Ен-Ен. Тој изјави дека фабриката се простира на површина од 11 илјади метри квадратни со 9 илјади метри квадратни производствен капацитет. 

Тогашниот премиер Никола Груевски, истакна дека е од особено значење за Македонија тоа што „Кемет Електроникс“ е еден од најголемите светски брендови за изработка на високософистицирани производи кои се користат во речиси сите електронски уреди. 

„Присуството на „Кемет“ во Македонија претставува и своевидна покана за многу други фирми со кои соработува меѓу кои се ХП, „Сименс“, „Филипс“, „Нокиа“, „Бош“, „Ериксон“, „Алкател“, „Моторола“ и многу други. Верувам дека голем број од нив ќе го следат примерот на „Кемет Електроникс“ и ќе ја разгледаат Македонија како своја следна дестинација“, рече Груевски и додаде дека Владата е тука да им овозможи што полесни услови за бизнис, ниски даноци, намалени трошоци, кратки процедури и сето она што претставува интерес на компаниите и нивните менаџменти.

„Кемет Електроникс“ има 23 фабрики во Европа, Северна Америка и Азија со над 10 илјади вработени. Производствени капацитети има во Мексико, Кина, Италија, Велика Британија, Португалија, Финска, Шведска, Индонезија, Германија, Бугарија и Македонија.

Последно ажурирање: 22 септември 2017 год.

Преземете податоци