Американската компанија Леар е најавена во мај 2015, а веќе во јули потпиша договор со Владата со кој се обврза дека ќе инвестира 15 милиони евра во производствен капацитет за навлаки за автомобилски седишта во технолошко индустриската развоја зона Тетово. Најавени се нови 3.000 работни места. Фабриката почна да работи во ноември 2016 година.
Сепак, оваа инвестиција во Македонија доаѓа преку компанијата Леар Аутомотив Сервисис регистрирана во Амстердам, Холандија.
Основачкиот влог на компанијата инвеститор во Македонија, Леар Цорпоратион Македонија, заклучно со крајот на 2015 година е половина милион евра. Вкупната актива на компанијата, пак, изнесува речиси 2 милиони евра.
Со договорот за реализација на инвестицијата што го потпишаа потпретседателот на корпорацијата Леар, Рафаел Гаљарди и министерот за странски инвестиции Веле Самак, во присуство на тогашниот премиер Никола Груевски и министри во Владата, беше предвидено во веќе постоечки објект во Гостивар до крајот на 2015 година да се вработат 150 до 200 луѓе, до крајот на 2016 година 800, а по префрлањето на инвестицијата во нов објект во ТИРЗ Тетово бројот на вработени да достигне 2.000, со потенцијал за 3.000 вработувања.
Според последните достапни податоци до крајот на 2015 година, во Леар биле вработени 82 луѓе, а во 2016 бројката се искачува на 519.
Во 2015 година компанијата направила приходи од само 3.800 евра, но има далеку поголеми расходи од 612 илјади евра што резултира со загуба од околу 550 илјади евра.
Oваа компанија добила државна помош за инвестицијата според Одлука на Влада донесена во јули 2015 година кога е и официјално потпишан Договорот со инвеститорот. Сумата на доделената помош е непозната, а компанијата како корисник на средства од буџетот е наведена во годишниот извештај на Комисијата за заштита од конкуренција.
Објектот во Тетово се најавуваше дека ќе биде готов до средината на 2016 година, а производството да биде наменето за сите големи европски автомобилски производители. Очекувањата на Владата се инвестицијата на Леар за наредните пет години да го зголеми бруто домашниот приход за 150-190 милиони евра.
Корпорацијата Леар е еден од водечките глобални добавувачи на автомобилски седишта и системи за електрична дистрибуција. Леар го опслужува секој поголем производител на автомобили во светот и производите на Леар може да се најдат на повеќе од 300 називи на возила. Производите од светска класа на Леар се дизајнирани, конструирани и произведени од различни тимови на приближно 132.000 вработени лоцирани во 34 земји. На листата на Fortune 500, Lear e рангирана на 177 место. Седиштето на Леар се наоѓа во Саутфилд, Мичиген.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.