Влезот на полската компанија „Лубринафт“во Македонија беше најавена во декември 2016 година, па оттаму рано е да се утврди дали е отворена фирмата во земјава. Одлуката за инвестирање ја соопшти Никола Груевски од позиција на лидер на ВМРО - ДПМНЕ, три дена пред предврементите парламентарни избори. Тој рече дека фирмата ќе произведува хидраулични масла и други масла за подмачкување во Неготино.
„Оваа инвестиција ќе достигне до 10 милиони евра и ќе отвори нови 100 работни места и тоа наредната година (2017), со планови за понатамошно проширување. Компанијата својот капацитет ќе го смести во браунфилд објект и ќе претставува значајна поддршка за Неготино и ќе влијае за дополнително намалување на невработеноста“, рече Груевски.
Во интервју за телевизијата Нова, Рудолф Јиржи Хорак, еден од сопствениците на „Лубринафт“, го потврди влезот на полската компанија во земјава.
До средината на јануари 2017 година, БИРН не најде податок дека ваква фирма е регистрирана во земјава.
Инаку, полската компанија „Лубринафт“ е формирана во 2014 година во Полска, две и пол години пред да ја донесе одлуката за инвестирање во Македонија.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.