Индиската компанија „Мадерсон груп“ на 31 август 2011 година постави камен-темелник во Технолошко индустриската развојна зона Скопје 1 и најави инвестиција вредна 12 милиони евра со која требаше да се обезбедат нови 140 вработувања.
Индиската компанија на површина од 2,7 хектари требаше да изгради два производствени погона во кои ќе се произведуваат делови за ретровизори, односно во еден од објектите лимени делови за ретровизори, а во другиот стакло за ретровизори.
Тогашниот премиер Никола Груевски, кој присуствуваше на поставувањето камен темелник, истакна дека е гордост што во Македонија влегува голем гигант како што е „Мадерсон груп“ којшто е присутен во околу 30 земји од светот и кој успеал секаде каде што отворил фабрика.
Во август 2011 година Индијците ја основаа и компанијата СМР „Аутомотивес Системс Македонија“ ДООЕЛ, со основачки влог од 5 илјади евра. Како сопственик на оваа компанија се појавува СМР „Аутомотив МирорТехнолоџи Холдинг Унгарија“ ДОО.
Владата, неколку дена пред поставувањето на камен – темелникот донесе одлука да и додели на оваа компанија и државна помош за двете инвестиции - за производство на надворешно стакло за ретровизори и за производство на леани метални делови.
Според најавите, новите објекти требаше да бидат готови за една година, односно до август 2012 година, меѓутоа оваа инвестиција не се реализираше.
Во 2013 „Мадерсон груп“ беше дел од изборната кампања на ВМРО ДПМНЕ
Три години од поставувањето на камен темелникот, опозицијата ја обвини Владата дека доделила државна помош од 2,8 милиони евра (одлука што е објавена во Годишен извештај на Комисијата за заштита на конкуренција, на страна 34) за инвестиција која никогаш не се реализираше. Владата тоа го демантираше.
Според податоците од Централниот регистар, компанијата СМР „Аутомотивес Системс Македонија“ ДООЕЛ, во 2015 година имала актива од околу 66 илјади евра од кои нетековни средства се 52 илјади евра. Бројот на вработени е нула.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.