Индиската инвестиција која се бави со производство на кабли за автомобилската иднустрија, „Малхотра Кејблс“, беше најавена од страна на лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски во декември 2016 година, три дена пред предвремените парламентарни избори.
Тој на својот профил на Фејсбук најави дека фирмата ќе инвестира во Македонија градејќи сопствен производствен погон во Технолошко-индустриската развојна зона во Скопје, кој ќе донесе 100 вработувања а погонот ќе се гради во наредните три месеци и ќе биде готов до крајот на 2017 година.
„Се работи за инвестиција од 10 милиони долари од компанија која се занимава со производство на кабли и сурови материјали кои се користат во автомобилската индустрија и претставува добавувач за големи компании. Ова е нивна прва инвестиција во Европа, а производството ќе се пласира на европскиот пазар што значи развој и прилив на свежи средства во македонската економија. Првичниот контакт и разговорите околу самата инвестиција ги водеше директорот на Дирекцијата за технолошко-индустриско развојните зони, Виктор Мизо“, извести Груевски.
Во Македонија, фирмата е отворена во септември 2016 година со паричен влог од 5 илјади евра.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.