На почетокот на 2013 година директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида, објави дека во Македонија влегува инвестиција вредна 15 милиони евра на турската медицинска компанија „Матек“. БИРН не успеа да се увери дека оваа инвестиција е остварена, со оглед на тоа што во Македонија ваква фирма не е регистрирана, а истата ја нема ниту на веб-страницата на Дирекцијата за технолошки индустриски развојни зони. Инаку, фабриката „Матек“, според најавите, требало да биде сместена во „Бунарџик“.
Главната дејност на компанијата која е лоцирана во Анкара, е производството на технолошки медицински помагала.
„Компанијата ќе произведува високи технолошки медицински препарати како трансбронхитални биопсиски игли, ендобронхоскопски игли, биопсиски маркери, хируршки сетови, хируршки наметки, катетери и стентови”, изјави директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида.
Тој изјавува дека прво компанијата ќе вработи 100 лица кои ќе бидат обучени за производство на високо теџнолошки медицински препарати, а за неколку годизни бројот на вработени би достигнал до 300 лица.
Ваква фабрика, во визулниот приказ на фабриките во „Бунарџик“, не постои.
Од Агенцијата за странски инвестиции за БИРН изјавија дека компаниите „Матек“ и „Тотал“ се обединиле со компанијата ИСТЕМ Медикал, кои имаат обезбедено земјиште во зоната ТИРЗ Скопје.
„Поради кризните ситуации во Турција тие ја одложија инвестицијата за 1 година. Сопствениците очекуваат во 2017 година да започне реализацијата на инвестицијата во Македонија“, велат од Агенцијата.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.