Директорот на Агенцијата за странски инвестиции и промоција на извозот, Висар Фида уште во декември 2013 ја претстави „Менсан“ како турска компанија од автомобилската индустрија и изјави дека фирмата одлучила да инвестира пет милиони евра во ТИРЗ Скопје (Бунарџик) и да вработи 100 лица.
Подоцна во промоцијата на овој проект, во Отчетот и во рекламите на ВМРО-ДПМНЕ од 2014 стои дека инвестицијата ќе биде двојно повисока и ќе чини 10 милиони евра, а ќе почне да се реализира уште истата 2014 година.
Меѓутоа, во наредниот отчет на владејачката партија, оној од 2016 никаде не се појавува името на компанијата „Менсан“.
Според Регистарот на странски инвестиции на Централниот регистар странската инвестиција на „Менсан“ е запишана во септември 2014, односно тогаш пет физички лица од Турција уплатиле вкупно 5.000 евра колку што денес изнесува и активата на македонската компанија „Менсан“.
Исто така, според завршната сметка за 2015 „Менсан“ нема ниту еден вработен во Македонија. Во ноември 2015 Владата донесе одлука за раскинување на договорот за долготраен закуп на државно земјиште меѓу ТИРЗ и компанијата.
Од Агенцијата за странски инвестиции, пак, за БИРН велат дека „Менсан“ поради одредени тешкотии во компанијата-мајка ја успорила реализацијата на проектот, но до сега нема официјални информации дека се откажува инвестицијата.
Компанијата „Менсан аутомотив“ произведува оригинални делови за комерцијални возила и сместена е во западниот дел од Турција.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.