Монтипе

Монтипе

Нереализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

60.000.000 евра

Инвестирани

0 евра

Вработувања

Најавени

500

вработени

0

Француската компанија „Монтипе“ во мај 2008 година најави дека во Бунарџик ќе изгради фабрика за производство на автомобилски делови вредна 60 милиони евра. Тогашниот премиер Никола Груевски и извршниот директор на компанијата „Монтипе“, Марк Мајус во Лењвил, Франција, потпишаа Меморандум за соработка со кој што на македонската јавност и ветија отворање на 500 нови работни места. Иако се најавуваше како една од најголемите гринфилд инвестиции во Македонија воопшто, до денес компанијата не го реализираше својот план.

„Во првата фаза од реализацијата на проектот ќе се вработат 500 лица, а за три до четири години оваа бројка ќе биде двојно поголема. Двојно ќе се зголеми и инвестицијата“, изјави Груевски по потпишувањето на Меморандумот. Од тоа, како што посочи, индиректна корист ќе имаат и други македонски компании.

Тој напомена дека од извозот на производите годишно ќе се реализираат 70 до 100 милиони евра, а за пет години во Македонија ќе останат 200 милиони евра дополнителна вредност.

Од компанијата „Монтипе“ изјавија дека добрите економски услови, даночните олеснувања и стручниот кадар се клучните причини поради кои одлучиле да инвестираат во Македонија.

„Изградбата на фабриката треба да заврши до 2009 година по што ќе почнеме со производството на прототипи. Од 2010, пак, ќе стартува и комерцијалната продажба на автомобилските делови“, рече Мајус.

Фабриката во Бунарџик требаше да има најсовремена технологија со која што ќе се произведуваат цилиндри за мотори за возилата Форд, и ќе се пласираат на германскиот, на британскиот и на други пазари.

Инаку, преговорите со „Монтипе“ почнаа уште во 2007 година и ги водеше ресорниот министер Веле Самак.

Компанијата „Монтипе“ е формирана во 1894 година, а од 1966 котира на Париската берза. Освен во Франција има фабрики и во Шпанија, САД, Канада, Шведска, Германија, Италија, Британија, Ирска и Мексико.

Иако Македонија беше сигурна дестинација во нивниот план за инвестиции, сепак подоцна, како што соопшти директорот на Агенцијата за странски инвестиции Виктор Мизо заради економската криза ја ставија инвестицијата во мирување.

Тој во мај 2009-тата година рече дека компанијата се соочува со внатрешни проблеми, слаба побарувачка поради што отпушта работници и тешко дека ќе се реши да инвестира во нови производства, јави „Утрински Весник“.

Во 2013 медиумите објавија дека Монтипе  одлучи да го прошири бизнисот во соседна Бугарија каде што изгради три производствени погони со инвестиција во вредност до 100 милиони евра.

Последно ажурирање: 04 април 2017 год.