Првиот човек на Дирекцијата за технолошко-индустриски зони, Виктор Мизо летото 2012 година, при промоција на нов административен објект во Бунарџик, спомна дека во оваа зона се гради фабрика на црногорската компанија „Н и Н Фибер“.
Од скромните информации за оваа инвестиција, може да се дознае само уште дека во погоните на „Н и Н Фибер“ било планирано да се произведуваат синтетички влакна.
Моментално не може да се најде информација и за тоа колкава инвестиција ветувале Црногорците и колку вработени планирале да ангажираат, меѓутоа во двете последни години за кои има официјални податоци, 2014 и 2015, компанијата нема ниту еден вработен, но има нетековни средства во вредност од милион евра.
Тоа најверојатно се должи на нивните првични вложувања да се подигне објектот во слободната економска зона Бунарџик.
„Н и Н Фибер“ во декември 2011 година склучиле 45-годишен договор за закуп на земјиште во Бунарџик со површина околу 18.000 квадрати. Првите пет години компанијата требала да плаќа нешто под 1.800 евра годишно за закуп, а потоа сумата да се менува секоја година согласно правилата опишани во Службен весник.
Во отчетите на ВМРО-ДПМНЕ од 2014 и од 2016 година, во делот посветен на успешните странски инвестиции не е спомната инвестицијата на „Н и Н Фибер“.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.