Влезот на грчката компанија „Пластики“ ја најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски на предизборен митинг во Битола, десетина дена пред парламентарните избори во декември 2016 година.
Тој рече дека грчката компанија од областа на производството на изолациони и пластични материјали кои се употребуваат во градежни производи, ќе вработи најмалку 150 лица и ќе инвестираат околу 2,5 милиони евра.
„Тие ќе ја реализираат инвестицијата во браунфилд објект наредната година“, рече Груевски.
За битолската телевизија Мега, сопственикот на компанијата Јанис Тирбас изјави дека кога барале локација за ширење на капацитетите, најпрво размислувале за Бугарија и за Србија, но претставници од Македонија ги убедиле да инвестираат во Македонија, за време на бизнис форум кој пред две години се одржувал во Солун.
Тој најавува дека производството ќе започне на почетокот на 2017-та година.
„Ќе го направиме местото според нашите потреби и мислам дека на почетокот или крајот на февруари, почетокот на март ќе започнеме со производство. Производите ќе ги извезуваме воглавно во земји од Блискиот Исток, секако во Грција имаме бројни потрошувачи, големи градежни компании кои исто така работат и овде“, изјави Тирбас.
БИРН не успеа да ја најде фирмата регистрирана во Македонија, па оттаму невозможно беше да се увериме дали инвестицијата е започната.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.