Претставниците на „Сахара груп“ и тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески во август 2013 година го најавија преземањето на Џумајлија од страна на индиската компанија во сопственост на контроверзниот бизнисмен Субрата Рој.
Според најавите „Сахара груп“ во период од три години требаше да инвестира 200 милиони евра во агрокомбинатот „Џумајлија“ и да врабoти вкупно 2.000 лица. Планирано беше да се набават 20.000 грла говеда и првите млечни производи да се пласираат на пазарот во рок од една година, во 2014.
Од агрокомбинатот требаше дневно да излегуваат 80.000 литри млеко, додека на годишна основа Џумајлија требаше да произведува 75.000 тони сточна храна.
„Тоа е најголемиот проект, најголемата инвестиција во македонското земјоделство во последните 25 години. Оваа инвестиција на „Сахара Груп“ во Овчеполието ќе претставува препород за регионите на Лозово, Свети Николе, на целото Овчеполие. Во најдобрите денови на агрокомбинатот „Џумајлија“ имаше околу 500 вработувања креирани во земјоделството“, изјави тогашниот вицепремиер и министер за финансии Зоран Ставрески.
Во меѓувреме индиските власти го притворија Субрата Рој под сомнение дека неговата корпорација неовластено собирала штедни влогови од граѓаните и работела надвор од банкарските закони на Индија.
Па така, наредната 2014, наместо да почне производството со млеко, македонското Министерството за земјоделство ја активираше банкарската гаранција на „Сахара груп“ вредна три милиони евра, со што се означи почетокот на крајот на оваа инвестиција при што тогашниот вицепремиер Ставрески тврдеше дека „Владата никогаш не рекла дека Сахара груп ќе инвестира во Македонија“
Денес фирмата што требаше да менаџира 2.000 вработени нема вработени работници и оперира со нетековни средства нешто помали од 5.000 евра.
Паралелно со оваа инвестиција во млечниот бизнис, „Сахара“ и Субрата Рој најавија дека ќе изградат ултрамодерен туристички ресорт на брегот на Охридско Езеро во близина на авто-кампот Љубаништа, како и финансирање на големиот споменик на Мајка Тереза на скопскиот плоштад.
„Проектот е мошне амбициозен, предвидува дури над 100.000 соби. Нашите заложби не се тоа да биде некој просечен туристички комплекс, туку една дестинација меѓу најдобрите пет до десет од таа област од целиот свет“, рече Рој на прес-конференција во јануари 2014 година во Охрид.
Субрата Рој во тој период го купи и хотелот „Славија“ во Охрид, а според медиумите оваа зделка го чинела пет милиони евра. Тој планираше хотелот да го претвори во резиденцијален објект на неговата компанија во Македонија.
Проектот во Охрид, исто така, остана нереализиран, додека споменикот го финансираше македонската Влада.
Единствен реализиран проект на Субрата Рој во Македонија е таканаречениот Балкански мировен фестивал кој се одржа на скопскиот плоштад во септември 2013 година, каде гости му беа речиси сите претставници на државниот врв и конференцијата што следеше на која гостин беше поранешниот британски премиер Тони Блер.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.