Во 2009 година тогашниот премиер Никола Груевски потпиша Меморандум за разбирање со првите луѓе на турската компанија „Шишеџам“, документ кој претставуваше најава за инвестиција во фабрика за стакло.
Планирано беше погоните да се градат во Бунарџик во 2010 година, инвестицијата да изнесува 45 милиони евра, а во првата фаза да бидат вработени 300 лица.
Извршниот директор на „Шишеџам“, Ахмет Кирман тогаш објасни дека во индустриската зона тие ќе произведуваат шишиња за пиво и за сокови и оти половина од производството ќе биде наменето за македонскиот пазар.
Иако Турците не почнаа да ја градат фабриката до 2010, сепак во 2011 година вицепремиерот Владимир Пешевски, по средбата со раководството на „Шишеџам“ во Турција, изјави дека компанијата размислува да ја зголеми инвестицијата, од 45 на 160 милиони евра и покрај погон за стаклена амбалажа да изгради и фабрики за рамно и за автомобилско стакло.
„Одлуката од нивна страна не е донесена за ниту еден од овие (н.з. дополнителни) погони, но очекуваме, според нивните кажувања да биде во наредните два месеци“, објасни Пешевски во април 2011.
Иако два пати е најавуван, овој проект не се наоѓа во листата на странски инвестиции што ги промовира владејачката ВМРО-ДПМНЕ во Отчетите за 2014 и за 2016 година. А ниту, пак, има фабрика на „Шишеџам“ во Бунарџик.
Турската компанија од Истанбул „Шишеџам“, наместо во Македонија фабриката ја изгради во една од поранешните советски републики, со образложение дека таму има поголем пазар за нивните производи.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.