Владата предводена од тогашниот вицепремиер Зоран Ставрески и претставници на „Сименс“ во февруари 2007 најавија дека германската компанија ќе инвестира во Македонија и ќе отвори софтверски центар, каде ќе работат меѓу 15 и 20 луѓе.
Двете страни тогаш не информираа колку пари ќе инвестира „Сименс“ во овој центар.
„Како резултат на повеќемесечните преговори, со задоволство информираме дека ’Сименс интернешенел‘ влегува во Македонија со отворањето на центарот за развој на софтвер. Тоа е потврда дека земјата е интересна дестинација за странски инвестиции и дека напорите на Владата за подобрување на бизнис-климата и за заокружување на реформските процеси дадоа резултат. Очекуваме софтверскиот центар да расте и во блиско време голем дел од софтверот на ’Сименс‘ да се изработува во земјава“, изјави тогаш Ставрески.
Името на оваа инвестиција не се спомнува подоцна во предизборните програми на ВМРО-ДПМНЕ и во нивните отчети, во делот каде се наброени сите успешни странски инвестиции.
Скопската компанија на „Сименс“ сѐ уште постои, меѓутоа на крајот од 2015 и годината претходно имала само еден вработен и нетековни средства од близу 160.000 евра. Во 2016 година, пак, оваа фирма нема ниту еден вработен.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.