Инвестицијата на германската „СТС Текстајлс“ беше најавена во октомври 2016 година во Велес. Потписници на договорот беа министерот за привлекување на странски инвестиции Џери Наумоф, управителот на компанијата Маркус Туч и управителот на компанијата „Лутекс“, Жаклина Стојковска.
Основната дејност на фабриката е производство на технички и индустриски текстил.
Според најавите, инвестицијата од 4 милиони евра, во наредните 5 години (2021 година) треба да достигне до 7 милиони евра.
Во однос на работните места од компанијата соопштија дека најпрво ќе се отворат 50, а потоа бројката на нововработени ќе се искачи до 1.000 лица.
До крајот на 2016 година, оваа фирма има само 14 вработени.
Фабриката ќе биде сместена во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“ позната како поранешната „Свилара“ во Велес.
Фирмата „Лутекс“ во Македонија е формирана во март 2016 година со основачки влог од 5 илјади евра. Сопственик е Маркус Александер Марио Туч од Германија, а директор Жаклина Стојковска.
Истата оваа инвестиција беше најавена и во февруари 2016, но во Демир Хисар, во капацитетите на поранешна „Застава“. За инвестицијата компанијата добила регионална помош од Владата, од 2,2 милиони евра по две основи:
- Рефундирање на парите за данок на добивка за период од 10 години
- Грант за нови работни позиции – од 150 државјани до 1.000 работни места..
Во септември 2016 година, ова решение на Владата се прогласува за ништовно, затоа што „поради законски пречки да се купи или закупи имотот на инвестицијата, инвеститорот одлучил да не го потпише договорот“.
Тогаш и следува одлуката инвестицијата да се пресели во Велес, во просториите на поранешната фабрика „Нонча Камишева“.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.