Компанијата Таскфорце БПО ДОО Битола, според зборовите на министерот за странски инвестиции, Џери Наумоф, отворила канцеларија во Битола во јануари 2016 година.
Според податоците од Централниот регистар, оваа компанија е основана во ноември 2015 година со основачки влог од околу 25 илјади евра.
„Уште еден успешен пример во Битола е токму американската компанија Таск форс која во јануари отвори канцеларија. Веќе имаат 30 вработени, многу брзо се развиваат, успешно работат и се планира да стигнат до 50 - ина вработени. Доколку работите одат напред, планираат и натаму да се шират на македонскиот пазар. Вработуваат млади кадри кои завршиле медицинско образование за да работат на медицинско кодирање за итни центри во Јужна Каролина”, изјави во ноември 2016 година министерот Наумоф.
Интересно е што како сопственик на оваа компанија се појавува Александер Наумоф, кој што е син на министерот Џери Наумоф кој што и ја промовираше оваа инвестиција во Битола.
Освен тој, сопственици се и Ацо Додовски кој што е и управител на компанијата, и ДОО Таск Форце БПО, ЛЛЦ.
Според податоците од централниот регистар за 2015 година, компанијата има актива од околу 9 илјади евра, од кои 5 илјади евра се нетековни средства, а вработени биле 4 луѓе. Во 2016 година бројот на вработени достигнува 52.
Во 2015 година компанијата остварила приходи од 4 илјади евра и добивка од околу илјада евра.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.