Австриската компанија „Текспорт“ која се занимава со производство на заштитна облека, во октомври 2015 година започна две инвестиции истовремено - отвори нов погон во Виница вреден 1,5 милион евра со најавени 180-200 вработени, и постави камен темелник на идната фабрика за противпожарна облека во Илинден.
„Со потенцијал од 800 вработени, од кои најголем дел во Македонија, „Текспорт“ ќе стане најголем светски производител во својата дејност“, изјави сопственикот Отмар Шнајдер.
Инвестицијата во Илинден, според најавите, се проценува на 4 милиони евра, а се очекува да се отворат 450 работни места.
Во Виница, пак, инвестицијата беше најавена уште кон крајот на 2011 година од страна на поранешниот премиер Никола Груевски, а истата инвестиција, 3 години подоцна, во 2014 година, ја најавува и Ѓорге Иванов како тогашен кандидат за претседател на Македонија. Погонот во Виница се отвори во октомври 2015 година. Очекувањата беа дека оваа инвестиција ќе донесе околу 200 нови вработувања.
Во декември 2015 година, Груевски ја посети фабриката во Виница и потсети дека „Текспорт“ веќе има отворено погон и во Кочани.
Ако се сумираат најавите за инвестициите на австриската компанија во Виница и во Скопје, произлегува дека тие тежат 4,5 милиони евра и истите ќе овозможат најмалку 650 нови вработувања.
Според податоците од Централниот регистар, пак, во Македонија постојат три фирми кои се поврзуваат со австриската „Текспорт“. Станува збор за фирмите „Патра текс“, „Текспорт продуцтион“ и „Текспорт“ ДООЕЛ, во кои истите луѓе се јавуваат како сопственици или директори, а делат и иста адреса.
Заедно, овие фирми имаат нетековни средства од околу 1,5 милион евра, а во 2016 година, трите фирми имале вкупно 219 вработени.
Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.