Директорот на Агенцијата за странски инвестиции Висар Фида во април 2013 од Анкара најави дека во Македонија ќе инвестираат три турски компании од областа на медицината и оти една од нив ќе биде фирмата „Тотал“.
Од Турција Фида најави дека „Тотал“ планира да инвестира околу 15 милиони евра и да вработи околу 250 луѓе во индустриската зона „Бунарџик“, исто како и останатите две компании.
„Веруваме дека за кратко време ќе ја реализираме инвестицијата во Македонија и ќе постигнеме голем успех”, изјави директорот на компанијата „Тотал“ за македонската новинска агенција МИА.
Во предизборната програма на ВМРО-ДПМНЕ од 2016, насловена како „Реално“, како и онаа од две години претходно, нема никаква информација дека најавената инвестиција на турската „Тотал“ се остварила, ниту, пак, некаде во медиумите е објавен таков податок по 2013 година.
Од Агенцијата за странски инвестиции за БИРН изјавија дека компаниите „Матек“ и „Тотал“ се обединиле со компанијата „ИСТЕМ Медикал“, кои имаат обезбедено земјиште во зоната ТИРЗ Скопје.
„Поради кризните ситуации во Турција ја одложија инвестицијата за една година. Сопствениците очекуваат во 2017 година да започне реализацијата на инвестицијата во Македонија“, велат од Агенцијата.
Во првичната најава трите компании се претставени како посебни инвеститори.
Последно ажурирање: 04 април 2017 год.