Словенечката компанија „Енгротуш“ ја најави својата прва инвестиција во Македонија уште во 2007 година претставувајќи амбициозен план да отвори над 20 супермаркети во повеќе градови. Првично, словенечката компанија на македонските власти им претстави план за инвестирање на 90 милиони евра и отворање на 700 нови работни места.
Во мај 2008 година словенечката компанија, во Македонија регистрирана како „Туш трејд“ ДООЕЛ го отвори својот прв маркет во Штип.
Според информациите од отворањето, првата реализирана инвестиција на оваа групација била во вредност од 2,6 милиона евра.
„Сакаме во Македонија во наредниве пет години да вложиме 60 милиона евра и да изградиме 20 маркета“, изјави во Штип, Александар Светелшек, тогашен генерален директор на „Енгротуш“.
Потоа во јули истата година, се отвори вториот супермаркет во Куманово.
„Од почетокот на нашите операции во Македонија, нашата цел е да отвориме 20 супермаркети во рок од пет години. Таргетираме да влеземе во сите поголеми градови во Македонија. Нормално главниот таргет е вашиот главен град Скопје, поради бројот на жителите и економската ситуација“ изјави директорот на „Туш Трејд“, Јернеј Морни кој што истакна дека во двата супермаркети на Туш се вработени вкупно 70 луѓе.
Иако се најавуваше дека третиот супермаркет на Туш ќе се отвори во Прилеп и според најавите, инвестицијата требаше да вреди над 2,5 милиони евра и да отвори над 40 работни места, компанијата не ја реализираше оваа инвестиција.
На камен темелникот со кој што почна изградбата во Прилеп присуствуваше тогашниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески.
„Владата и Министерството за транспорт и врски даваат целосна поддршка за изградбата на хипермаркетите на Туш. Тие значат зголемена конкуренција, зголемување на вработувањата и ангажман на градежниците од земјава“, рече министерот Јанакиески на поставувањето на камен темелникот на 11 октомври во 2008 година.
Подоцна, во декември 2008 година компанијата го отвори третиот супермаркет во Велес каде што се вработија 21 луѓе.
Иако се најавуваше дека Туш супермаркети ќе се отворат и во Скопје, Струмица, Прилеп, Струга, Гевгелија и во други градови, словенечкиот трговски синџир отвори само три супермаркети во земјава.
Инаку, компанијата „Туш Трејд“ ДООЕЛ Скопје во Македонија е регистрирана во март 2008 година и има основачки влог од 5 илјади евра. Таа е во целосна сопственост на „Енгротуш“ ДОО Цеље, Словенија.
Според податоците од Централниот регистар, вкупните приходи на компанијата за 2015 година изнесуваат околу 8,7 милиони евра што е 0,5% повеќе од 2014 година. Меѓутоа, финансискиот резултат на компанијата од работењето е загуба од 410 илјади евра.
Во компанијата заклучно со крајот на 2015 година работат 98 луѓе, а во 2016 година бројот се зголемил на 104 лица. Нетековните средства на „Туш Трејд“ ДООЕЛ во 2015 година изнесуваат само 50 илјади евра, а во 2016 година се намалуваат на околу 35 илјади евра.
Последно ажурирање: 15 септември 2017 год.