Вистеон

Вистеон електроникс Македонија ДООЕЛ Скопјe

Реализирана

Вредност на инвестиција

Најавени

26.500.000 евра

Инвестирани

15.212.273 евра

Вработувања

Најавени

300

вработени

33

Американската компанија „Вистеон електроникс“, наследникот на „Џонсон контролс“ во индустриската зона Бунарџик, на крајот од 2016 по точно осум години го затвора производството во Македонија. Одлуката за заминување корпорацијата ја соопшти уште во средината на 2015, а како причина за затворање на фабриката го наведе вишокот производствени капацитети на европско тло.

„Вистеон“ во Македонија составуваше компоненти за автомобилските инструмент-табли и ова производство го наследи од „Џонсон контролс“, првата странска инвестиција во Бунарџик која проработе во декември 2007 година.

На глобално ниво „Вистеон електроникс“ во 2014 откупи дел од производството на „Џонсонс контролс“ и во таа трансакција погонот близу Скопје премина во рацете на „Вистеон“. 

Нецели две години подоцна, „Вистеон“ заминува, а на негово место ќе дојде сосема трета американска компанија, „Делфај“, која исто така работи во сферата на автомобилската индустрија.

„Делфај“ ќе ги преземе зградата и магацинот на „Вистеон“ во Бунарџик, меѓутоа тоа ќе биде сосема друга фабрика.

Таа ќе нема обврска да ги задржи истите вработени и нејзината инвестиција во Македонија нема да биде продолжение на бизнисот што го почна „Џонсон контролс“, а го продолжи „Вистеон“, туку ќе произведува делови за автомобилска технологија.

Во своите промотивни материјали владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ тврди дека „Вистеон“ (поранешен Џонсон Контролс - ТИРЗ Скопје 1) инвестирал 30 милиони евра во фабриката во скопски Бунарџик, меѓутоа официјалните податоци и независните анализи покажуваат дека вистинската сума на инвестицијата е за нијанса пониска.

Претходникот на „Вистеон електорникс“, „Џонсон контролс“, во јуни 2007 се обврзал да инвестира околу 26,5 милиони евра.

Нетековните средства на компанијата за 2015 се нула денари, бидејќи компанијата се повлекува од Македонија, меѓутоа во 2012 година, кога фабриката работеше во полн ек, овие средства се околу 15 милиони евра.

Мало несовпаѓање има и во лиферуваните цифри за бројот на вработени во оваа странска инвестиција.

Ако според новинарските извештаи фирмата планирала да вработи 300 луѓе до 2013, Отчетот на ВМРО-ДПМНЕ од 2016 информира дека во „Вистеон“ работат 240 луѓе, додека завршната сметка на компанијата за 2015 открива дека биле ангажирани 227 вработени. Во 2016 година, оваа бројка паѓа на 33 вработени лица.

Оваа странска инвестиција е единствената за којашто Комисијата за заштита на конкуренцијата ја објавила висината на државната помош. Комисијата во 2007 соопшти дека државата ќе ѝ помогне на оваа компанија со 8,88 милиони евра или со вредност која е 33,1 % од странската инвестиција.

Токму државната помош е причината поради која Комисијата за заштита на конкуренцијата во 2015 покрена постапка против „Вистеон“. Имено, овој странски инвеститор добил ослободување од плаќање персонален данок по две основи, по основа на решение од оваа комисија и по основа на Законот за технолошки индустриски развојни зони, кој, како што велат од Комисијата за заштита на конкуренцијата, бил „некомпатибилен со законот“.

Од комисијата за БИРН информираа дека побарале Агенцијата за привлекување странски инвестиции и промоција на извозот да ја врати доделената помош со затезна камата, додека од агенцијата велат дека „постапиле“ по решението на комисијата, меѓутоа никој не открива за колкава сума пари станува збор.

„Џонсон Контролс“, а потоа и „Вистеон“, американска компанија од автомобилската индустрија, од 2007 година во Македонија произведува електронски компоненти и матични плочи за автомобилската индустрија.

Сопственик на македонската „Вистеон“ е фирмата „Вихи ЛЛЦ“, која пак, се води како подружница на „Вистеон корпорејшн“, но интересно е дека „Вихи ЛЛЦ“ е регистрирана во една од најпознатите офшор-згради во светот која се наоѓа во американската сојузна држава Делавер, исто така популарен даночен рај.

Во зградата на два ката наречена „Корпорејшн траст центар“ регистрирани се околу 285.000 фирми.

Последно ажурирање: 15 септември 2017 год.

Преземете податоци