Кранфилд фаундри

Кранфилд фаундри ДООЕЛ Скопје

Во тек

Вредност на инвестиција

Најавени

15.000.000 евра

Инвестирани

10.615.033 евра

Вработувања

Најавени

280

вработени

6

Министерот за странски инвестиции Бил Павлевски при крајот на јули 2015 најави дека компанијата со руски капитал „Кранфилд фаундри“ ќе изгради современа и еколошка леарница во индустриската зона Неокази, во непосредна близина на Пробиштип. Павлевски ова го изјави на денот на потпишувањето на договорот со претставникот на руската фирма, Дариус Џуба.

Странската инвестиција треба изнесува 15 милиони евра и според владините најави ќе отвори 280 вработувања.

Општината Пробиштип уште во септември 2014 на својот сајт најави дека ќе дозволи градење на леарница за челик. Уште тогаш медиумите открија дека фирмата сопственик на македонската „Кранфилд“, која е презентирана како носител на руски капитал, е регистрирана на Девствените острови, држава позната како офшор-дестинација.

БИРН дополнително откри дека управител на оваа офшор-фирма е извесна Еви Папагеоргиу од Лимасол, Кипар, што е честа појава во фирмите што инвестираат во Македонија преку државите, таканаречени даночни оази.

Уште поинтересно е дека на истата адреса на Девствените острови е регистрирана и фирмата-сопственик на познатата „Метрудхем“ која неуспешно се обиде да ја рестартира Велешката топилница. На оваа идеја тогаш ѝ се спротивставија еколошките друштва, политичарите што потекнуваат од Велес и граѓаните кои излегоа на протест.

Евентуалната поврзаност на „Метрудхем“ и „Кранфилд фаундри“ преку офшор-адресата ја експлоатираше и пратеничката Лилјана Поповска лидер на ДОМ, партијата на зелените и на екологистите.

„Дури и да се сериозни инвеститори и да вградат модерна опрема, тоа ќе биде во самиот град, а се работи за металургија, за 1.600 степени Целзиусови, за голема бучава и загадување, за што би требало да се оддалечи најмалку пет километри од градот!“, реагираше Поповска.

Активистите од овој град отворија и фејсбук-група „Не за челичарница во Пробиштип“.

Иако на владиниот сајт пишува дека леарницата треба да проработи најдоцна за една година, значи до крајот на летото 2016, сепак градоначалникот на Пробиштип, Тони Тоневски дури 2016 во јули најави дека стартува да се гради леарницата.

Од извештајот на Комисијата за заштита на конкуренцијата се открива дека државата во 2015 ѝ дала државна помош на „Кранфилд фаундри“, меѓутоа како и за другите странски инвеститори и за оваа фирма не се открива колку изнесуваа таа помош.

Од најавените 15 милиони евра досега оваа фирма има нетековни средства од 181.471 евра и од најавените 280 до крајот на 2015 има ангажирано само двајца вработени, а пред крајот на 2016 бројот на вработени изнесува 6 лица. Енормно е зголемувањето на сумата на нетековни средства на компанијата, која во 2016 година изнесува 10,6 милиони евра. 

„Краунфилд фаундри“ е третата инцијатива за отворање на топилница во Македонија, откако пропаднаа претходните со рестартирањето на Велешката и со најавуваната во тиквешкиот регион.

Последно ажурирање: 23 јануари 2018 год.

Датум на најава

јули 2015 год.

Државна помош

Местоположба

Земја на потекло

Преземете податоци