Турската компанија ТАВ во септември 2008 година потпиша договор со македонската Влада со што ги доби под концесија аеродромите во Скопје и Охрид, Александар Велики и Св. Апостол Павле, во наредните 20 години.
Договорот предвидуваше модернизирање и доградба на скопскиот аеродром со нова терминална зграда, продолжена полетно слетна патека, паркинг за автомобили, пристапен пат со нова клучка, инсталирање системи за земска навигација, комунална инфраструктура, доградба на административната зграда, како и нов карго терминал, противпожарна станица и нов паркинг за воздухоплови.
На Охридскиот аеродром беше предвидено реконструирање на постоечкиот паркинг, реновирање на објектите во карго центарот, изградба на ВИП објект, реконструкција на административната зграда, како и набавка на нова опрема. Карго аеродромот во близина на Штип требаше да биде готов за три години, меѓутоа, оваа инвестиција не се реализираше.
ТАВ беше единствена компанија на тендерот што го распиша Владата за издавање на аеродромите под концесија.
Потписниците на договорот, тогашниот министер за транспорт и врски Миле Јанакиески и главниот извршен директор на ТАВ, Мустафа Сани Шенер, најавија инвестиција од 200 милиони евра.
„Македонија заслужува ваква инвестиција која ќе овозможи подобрување на услугите за македонските граѓани и за сите што ќе доаѓаат во државава. Договорот за концесија на аеродромите значи инвестиција од 200 милиони евра и целосна заштита на сите вработени во постојното Јавно претпријатие за аеродромски услуги“, истакна тогаш Јанакиески.
Охридскиот аеродром беше реновиран до април 2011 година, додека пак новиот скопски аеродром беше изграден и свечено пуштен во употреба за денот на независноста на државата истата година.
Во близина на старата, пуштена е во употреба нова терминална зграда. На 40.000 квадратни метри има 23 шалтери за чекирање и 21 шалтер за контрола на пасоши.
На отворањето, инвеститорите и властите објавија дека во македонските аеродроми во Охрид и Скопје вложиле вкупно 110 милиони евра.
Според најавите, на македонските аеродроми требаше да работат вкупно 1.800 луѓе.
Последните податоци од Централниот регистар за 2015 година, покажуваат дека во компанијата ТАВ Македонија ДООЕЛ, работеле вкупно 812 луѓе, додека пак нетековните средства од активата изнесуваат над 68 милиони евра.
Во 2016 година, пак, бројот на вработени драстично се намалува и изнесува 576 луѓе, додека нетековните средства се намалени за 5 милиони евра и изнесуваат 63 милиони.
Интересно е што на потпишувањето на договорот со турски ТАВ, владиниот претставник Јанакиески изјави дека државата во наредните 20 години може да очекува прилив во буџетот од издавањето под концесија на аеродромите меѓу 30 и 40 милиони евра. Договорот предвидуваше износот на надоместокот што ќе го плаќаат турските инвеститори секоја година да зависи од бројот на патниците на аеродромите.
Меѓутоа, само во 2012 година турски ТАВ уплати во државниот буџет концесија од 2,67 милиони евра, што беше 15% од бруто приходите на компанијата за таа година. Веќе наредната година, бројот на патници надмина еден милион, што беше предуслов да се намали концесискиот надоместок од 15% на 2%-4% од бруто приходите. Тоа значи дека според нивото на приходи, износот на концесиски надомест се движи од 350 илјади евра до приближно милион евра за минатата година.
Последно ажурирање: 15 септември 2017 год.